Пишува: Зоран Милошески

Со кршење на влезните врати, денес од прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ насилно беше иселен Центарот за современа ликовна уметност (ЦСЛУ). Иако просторијата во која беше сместен ЦСЛУ ја користеше од 1994 година, сѐ до денес државата не го решила нејзиниот сопственички статус.

„Денес се случи преседан по однос на почитување на правото и правосудниот систем и познавањето на правото, со тоа што се пристапи кон насилно иселување на ЦСЛУ од просториите кои ги користеше повеќе од 20 години. Државното правобранителство и лица вработени во ЦК „Марко Цепенков“ секогаш се повлекуваа во моментот кога требаше да го утврдат просторот кој треба да биде испразнет и кога во записник требаше да влезе идентитетот на лицата кои тоа го утврдиле. Денес тоа го направи директорот на Центарот за култура Тони Чатлески, иако не знаеше да одговори на прашањата и доказите кои се приложени во постапката за извршување. Конкретниот деловен простор кој се испразни не е сопственост на РМ и за истиот е поднесено барање за легализација. На овој начин се покажа тенденцијата на локалната власт по секоја цена да го узурпира овој простор за сосема други намени од оние за кои досега го користеше ЦСЛУ“, изјави за ПУБЛИКУМ правниот застапник на ЦСЛУ адвокатот Жарко Стеваноски.

Директорот на ЦК „Марко Цепенков“ Тони Чатлески не гледа ништо спорно во денешното иселување на ЦСЛУ.

„Министерството за култура бара извршување на пресудата според која ЦСЛУ треба да го напушти овој простор и извршителот треба овој простор да го даде во владение на Центарот за култура. Своевремено Министерството за култура му го дало просторот на користење на ЦСЛУ и сега после долго време одлучило дека овој простор му е потребен на Центарот за култура и Министерството си го бара назад. Единствен начин да може истиот законски да се добие беше со тужба и еве сега тоа се реализираше“, вели Чатлески.

izvrshiteli-cslu-2Раководителот на ЦСЛУ Горан Ристески вели дека постојат две причини поради кои власта насилно ги исфрла од просторијата која ЦСЛУ досега ја користеше.

„Првата причина е од личен карактер, тоа е желба на директорот на Центарот за култура Тони Чатлески, кому му смета прилепската колонија која е една од најстарите на Балканот и која догодина ќе слави 60 години постоење. Втората е од политички карактер. На власта ѝ сметаат презимињата Бабиќ и Јанески, односно проопозициската определба на двете семејства кои сиве овие години несебично се трудат да ја продолжат традицијата на колонијата. Таква беше политичката опција на неодамна починатиот прв човек на ЦСЛУ Диме Јанески, на неговата сопруга Гордана Бабиќ-Јанеска, на нивната ќерка Јана Јанеска-Ристески. Исто така, нивниот син, новинарот и граѓански активист Огнен Јанески важи за силен критичар на политиките на актуелната власт, а со идентични ставови е и неговиот вујко, актерот Марин Бабиќ. Ете затоа ЦСЛУ мораше да биде иселен на ваков насилнички начин“, вели Ристески.

После денешното насилно иселување од просториите, правните застапници на ЦСЛУ до Основното јавно обвинителство во Прилеп иницираа постапка за утврдување на кривична одговорност на извршителот Славе Кромидоски, од причини што според нив, извршителот спроведувал неподобна извршна исправа. Постапка за утврдување кривична одговорност е иницирана и против директорот на ЦК „Марко Цепенков“ Тони Чатлески, затоа што посочил кој е објектот кој треба да биде испразнет.

Што се однесува до досегашното користење на просторот, во 1996 година Министерството за култура на РМ го известило ЦК „Марко Цепенков“ дека просторијата му ја доделува на користење на ЦСЛУ сѐ до трајно решавање со сопствен простор. Истата одлука неколку години од позиција на Државен секретар за култура ја потврди и актуелната министерка Елизабета Канческа-Милевска.

По идеја на проф. д-р Бошко Бабиќ и академскиот сликар проф. Ристо Лозановски, ЦСЛУ-Прилеп е формиран во далечната 1957 година и во негови рамки првата ликовна манифестација во Прилеп, која денес се вбројува во редот на најстарите ликовни колонии во Југоисточна Европа.