насилство

Насилството ескалира – системот доцни, децата плаќаат цена

Насилството меѓу деца во училиштата станува сè поизразен и загрижувачки проблем. Инцидентите се понасилни и сè почесто се префрлаат и на социјалните мрежи. Институциите алармираат дека се неопходни законски измени, построги мерки и поголема одговорност од родителите, но и системска превенција.

Министерката за образование, Весна Јаневска. најави измени на Законот за основно образование, во кој би се предвидела казна за децата кои се насилни во училиштето, што ќе треба да ја плати родителот. Се предлага со 250 евра ќе биде казнет секој родител на дете кое се однесува насилно во училиштето, но и доколку не сака да соработува со училиштето или со другите институции.

Повод за новиот институционален притисок беше неодамнешниот инцидент во скопската населба Ченто, каде ученик со нож беше тешко повреден од врсник.

Ескалација на насилството во училиштата

Алармот е дополнително засилен по податоците од терен. Само во еден ден, на 12 мај, во полицискиот билтен беа евидентирани четири физички напади. Во сите случаи, жртви се малолетници, а во некои инциденти биле употребени и остри предмети.

Насилството не завршува само во училишниот двор. Сè почесто, тоа се снима и се споделува на социјалните мрежи, што дополнително ја продлабочува траумата кај жртвите.

Институционален одговор и најави за законски измени

Според Драги Змијанац, претседател на Првата детска амбасада Меѓаши, анализите и состојбите на терен покажуваат дека насилството во различни форми како физичко, психичко, вербално и сѐ почесто дигитално, е присутно во речиси сите училишта во Македонија. И покрај постоечките политики и механизми, превенцијата е слаба, а реакциите доаѓаат доцна, често по низа сериозни инциденти.

Министерката за образование Весна Јаневска смета дека без активна вклученост на родителите, ниту една реформа нема да даде резултати. Покрај тоа, таа деновиве најави и враќање на дежурните наставници, лиценцирање на училишните психолози, формирање стручни тимови и подобрување на безбедносните механизми.

Дете со мобилен телефон
Насилството меѓу деца е тесно поврзано со влијанието на интернетот

Годинава 41 пријава за насилство до МОН

Префрлањето на вина меѓу училиштата, наставниците, стручните служби и родителите, отсуството на соработка и недостигот на емпатија кај младите поттикнати од прекумерна употреба на насилни содржини на интернет и општествена отуѓеност ја влошуваат состојбата.

„Насилството не може да се припише само на една страна. Секој чинител како училишта, наставници, стручни служби, родители и ученици има незаменлива одговорност. Само преку вистинска соработка, превенција, навремена интервенција и личен пример на возрасните можеме да создадеме безбедна, емпатична и одговорна училишна средина. Децата најмногу учат од нашите постапки, а не од зборовите“, порача Змијанац деновиве на панел дискусија за безбедни училишта.

Во Македонија е воспоставен механизам за пријавување на случаи на врсничко насилство. Случаи на насилство меѓу ученици можат да се пријават директно во МОН, за што е отворена посебна електронска адреса – prijavinasilstvo@mon.gov.mk, во Државниот просветен инспекторат и директно во училиштето кај наставник, педагог, психолог и директор. Тие, пак, се должни да достават информација до МОН и во посложени ситуации до Министерството за внатрешни работи и центрите за социјални работи.

Во текот на оваа учебна година се пристигнати 41 пријава за насилство во училиштата.

Улогата на родителите и семејството

Според институциите, агресијата најчесто не започнува во училиштето. Затоа, родителите имаат клучна улога во раното препознавање и спречување на насилното однесување.

Адвокатката Маја Ристова за ДВ вели дека меѓуврсничкото насилство не смее да се третира како „детска работа“,затоа што последиците можат да бидат сериозни и долгорочни.

„Законски мерки веќе постојат, но проблемот е во нивната доследна имплементација и навременото постапување. Потребен е посериозен пристап од сите институции, особено од обвинителството и судовите, со цел овие случаи да не се минимизираат“, вели таа.

Родители и дете
Одговорност мора да има и кај родителите, кога очигледно изостанува грижа и воспитување на децата, но казните сами по себе не се доволни

Според неа, одговорност мора да има и кај родителите, кога очигледно изостанува грижа и воспитување, но казните сами по себе не се доволни. „Најсилна превенција е навремената реакција-поголемо присуство на стручни служби во училиштата, едукација на децата и родителите, како и примена на правилниците за постапување при секој пријавен случај“, вели Ристова.

Само со висок степен на превенција, ефикасно институционално постапување и строги санкции, може да се намали ваквото насилство.

Професорот Илија Ацевски во гостување на телевизијата Телма предупреди дека насилството меѓу децата е тесно поврзано и со влијанието на интернетот. Според него, младите поминуваат и до осум часа дневно онлајн, каде го формираат својот модел на однесување. Кога тоа ќе се комбинира со слаб родителски надзор, неподготвен образовен систем и недоволна институционална поддршка, се создава средина во која насилството полесно се развива.

Мерки и препораки на локално ниво

По инцидентот во Ченто, Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба донесе конкретни препораки како засилена контрола врз дисциплината и однесувањето на учениците, рано препознавање на ризични однесувања и засилена улога на стручните служби.

Дополнително, се бара подобра координација меѓу училиштата, МВР, центрите за социјална работа и локалната самоуправа. Особено внимание се посветува на користењето на мобилните телефони во училиштата.

Советот препорачува доследно почитување на правилата, со цел подобра концентрација, намалување на инциденти и спречување на снимање и ширење насилство.

Извор: DW