НаТочак и Зелен хуман град со предлози до Арсовска за градскиот буџет за 2022 година

НаТочак и Зелен хуман град со предлози до Арсовска за градскиот буџет за 2022 година

Иницијативата НаТочак испрати писмо до скопската градоначалничка Данела Арсовска, градските советници и стручните служби во Град Скопје, со кои се потсетуваат на 11 предлози кои тие сметаат дека треба да бидат опфатени во градскиот буџет за 2022 година.

НаТочак од Буџетот на Град Скопје за 2022 година бара 70 милиони денари за реконструкција на пешачката и велосипедската инфраструктура, а 30 отсто од буџетот за одржување и изградба на патната инфраструктура да биде наменет за пешачката и велосипедската инфраструктура.

Воедно, 3 милиони денари се побарани за субвенции за сервис и резервна опрема за велосипеди, 4 милиони денари за промена на рабници на сите булевари во главниот град, 5 милиони денари за густо поставување на столпчиња по велосипедските ленти и 4,5 милиони денари за изведба на 5 бројачи на велосипеди на главните велосипедски патеки во Скопје.

Во своите предлози до Град Скопје, НаТочак бара продолжување на рекреативната патека долж реката Вардар и нејзино интегрирање со постојната велосипедска мрежа. За догодина тие бараат 20 милиони денари за оваа намена. Во првата година би се изработил проект низ партиципативен процес, додека во целиот четиригодишен мандат би се работело на изведба на пристапни рампи и конектори кон мрежата, како и продолжување на патеката кон исток и кон запад.

Меѓу 11-те предлози, се наоѓа и изготвувањето на Стратешки документ за безбедност во сообраќајот – Визија нула – Визија Скопје без жртви, изработка на градски прирачник за изведба на градежни активности на јавен простор, Студија за оптимално решение за Систем за изнајмување велосипеди и Редовен Ден без автомобили/Улици за луѓе секој месец од годината.

„Ова е трета година по ред граѓанската иницијатива да испраќа предлози при планирање на Буџетот на Градот кои се однесуваат на зајакнување на правата и безбедноста на пешаците и велосипедистите, по 2020 и 2021 година кога беше дополнително предложена и финансиска конструкција. Досега, во Буџетот за 2021 година беше прифатен само еден предлог кој се однесува на набавка и инсталирање на бројачи на велосипедски сообраќај, но истиот не беше реализиран“, велат од НаТочак.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

пошта

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Поштата е на работ на егзистенција, изјави денеска на прес-конференција пред Владата синдикалниот лидер Боро …