Натпревар со датуми меѓу Џеф Безос и Ричард Бренсон за тоа кој прв ќе летне во вселената

Сопственикот на „Вирџин Галактик“, Ричард Бренсон има за цел да го победи неговиот колега – милијардер Џеф Безос реализирајќи лет во вселената за девет дена, јавува Гардијан. Компанијата на Бренсон вчера објави дека пробниот лет ќе се одржи на 11 јули и дека Бренсон ќе биде еден од шесте патници на летот во вселената. Ракетата на Бренсон „Спејсшип 2“ е планирано да го започне својот пат од Ново Мексико, САД.

Ваквата вест од компанијата на Бренсон доаѓа само неколку часа откако Џеф Безос, основачот на „Амазон“ и најбогатиот човек на светот, објави дека ракетата „Њу Шепард“ ќе биде лансирана на 20 јули, а меѓу патниците на летот во вселената ќе биде самиот тој и несудената американска астронаутка од 1960-тите години, Вини Фанк.

Инаку, намерата на Ричард Бренсон е да воведе комерцијални летови кон вселената, за што околу 600 физички лица веќе ги уплатиле нивните депозити за планираното патување, пишува Би-би-си. Цената на билетот за пат до вселената во некои случаи се очекува да се искачи до 250.000 долари.

Неговиот конкурент Џеф Безос нема соопштено како ќе ги продава билетите за лет со ракетата „Њу Шепард“, но она што се знае е дека на првиот негов лет во вселената ќе земе и мистериозен патник којшто платил 28 милиони долари за да биде дел од историското патување.

Сериозна конкуренција во иднина за комерцијалните летови во вселената се очекува и од Илон Маск со неговите капсули. Би-би-си пишува дека атрактивни патувања надвор од Земјината топка може да се очекуваат и од Русите, додека компанијата Аксиом основана од поранешен програмски менаџер на НАСА планира во иднината да отвори приватни вселенски станици кои ќе можат да ги посетуваат граѓаните од нашата планета кои се заинтересирани да ги платат овие патувања.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …