Научните испитувања за вируси и бактерии не се најава за идна пандемија

Научните испитувања за вируси и бактерии не се најава за идна пандемија

Тоа што науката се фокусира на спречување на некои можни пандемии кои никој не знае дали ќе се случат, никако не претставува најава за идна пандемија, а уште помалку планирана пандемија односно „пландемија“, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. За да се создаде успешен одговор на евентуална идна пандемија, научниците од СЗО уште отсега создаваат услови за да се одговори ефикасно на таа евентуална пандемија. Впрочем и во самиот текст кој е споделен во постот се вели дека доколку немаше огромни инвестиции во истражување и развој пред пандемијата со ковид-19, тогаш немаше да биде возможно да се развијат безбедни и ефективни вакцини во рекордно време, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се наведува дека „тоа што се прави листа на патогени од коишто може да избие нова пандемија, е доказ дека се спрема нова пландемија”.

Во склоп на постот се споделува текст, во којшто е коректно пренесено новинарски напис кој информира дека Светската здравствена организација собрала над 300 експерти чија задача е да креираат нова листа на приоритетни патогени, кои може да предизвикаат епидемии и пандемии, а со цел СЗО да ја ажурира листата на патогени кои се користат како водич за истражување и инвестирање во развојот на вакцини, скрининг тестови и методи на лекување.

Во текстот се вели и дека повеќе од 300 научници ќе ги проучуваат сите достапни податоци поврзани со повеќе од 25 семејства на вируси и бактерии, особено ќе се проучува таканаречената „болест Х“, сè уште непознат патоген што може да предизвика многу сериозна пандемија.

Фокусирањето на приоритетните патогени и вирусни семејства преку истражување и развој на контрамерки е од суштинско значење за брз и ефективен одговор на епидемии и пандемии, изјавил директорот за здравствени итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, а се пренесува во текстот.

Не е точно дека пандемијата со коронавирусот е пландемија, теза што беше пласирана од страна на антивакциналните кругови во текот на целата пандемија. Нивното тврдење е дека пандемијата со коронавирусот е планирана со цел да се воспостави светска контрола врз населението, да се ограничат слободите, да се продадат што повеќе вакцини за бизнис интереси, а во повеќе наврати невистинито се тврдеше и дека пандемиите се случуваат на секои сто години, па дека ковид пандемијата коинцидирала и со таков наводен „план”.Научните испитувања за вируси и бактерии не се најава за идна пандемија

Наспроти оваа манипулација, болниците и дневните статистики на Министерството за здравство покажуваа поинаква слика во повеќе фази на пандемијата со коронавирусот. Додека антиваксерите во Македонија протестираа, се случуваше дневно од ковид да починат и над 40 луѓе! Логиката е неиздржана и манипулаторска, впрочем како и целата теорија на заговор околу „пландемијата”.

Има конкретна дефиниција за тоа што е пандемија и кога се прогласува. Пандемија е епидемија на заразна болест која се проширила низ голем регион, на пример на повеќе континенти или ширум светот, зафаќајќи значителен број поединци. Таков беше случајот и со коронавируост. Сосема е неможно тоа некој да го испланира, туку во текот на пандемијата се следат дневни извештаи на починати и заразени, капацитетот на болниците, а има и финансиски импликации врз населението. Во пандемијата со коронавирусот, вакцините беа брзо создадени, делумно и зашто претходно имаше инвестиции во науката и во мРНК вакцините кои беа создадени за борба против коронавирусите.

За да се создаде успешен одговор на евентуална идна пандемија, научниците од СЗО уште отсега создаваат услови за да на таа евентуална пандемија се одговори ефикасно, како што беше случајот и со коронавирусот. И во самиот текст кој е споделен во постот што го рецензираме, се вели дека доколку немаше огромни инвестиции во истражување и развој пред пандемијата ковид-19, тогаш немаше да биде возможно да се развијат безбедни и ефективни вакцини во рекордно време.

Во текстот се вели и дека списокот на патогени кои ќе се истражуваат е првпат објавен во 2017 година, што само ја потврдува тезата дека одамна научниците го имаат фокусот врз овие патогени и за секој патоген што е означен како приоритет, ќе ги утврдат празнините во тековното знаење и приоритетите во претстојните истражувања. Потоа може да се подготви план за развој на вакцини, третман и планови за скрининг тестови. Ревидираната листа на приоритетни патогени се очекува да биде објавена до април 2023 година.

Светската здравствена организација во септември годинава објави и извештај насловен „Замислување на иднината на пандемиите и епидемиите”, во којшто се прави обид да се истражи како изгледа иднината на инфективните закани со цел да се поттикне брза реакција. Инспириран од пандемијата со ковид-19, овој извештај мапира можни сценарија кои не се предвидувања на иднината, но кои го покануваат читателот да ги замисли различните работи коишто би можеле да се случат во иднина. Сценаријата се можност да се идентификуваат можните ризици и решенија, да се дискутираат импликациите и да се предложат акции со цел да се превенира појавата на идни инфективни закани.

Меѓутоа, тоа што науката се фокусира на спречување на некои можни пандемии кои никој не знае дали ќе се случат, никако не претставува најава за идна пандемија, а уште помалку планирана пандемија односно пландемија, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека …