Разговараше: Зоран Милошески

Во четвртокот, на 24 мај, во Прилеп се одржа завршниот турнир во ракомет во кадетска конкуренција, на кој ракометната екипа на „Прилеп“ се закити со титулата државен првак, откако во финалето ја совлада „Струга“ со резултат 27:23. Меѓу присутните беше и еден од најдобрите македонски ракометари и поранешен репрезентативец, стружанецот Наумче Мојсоски. Публикум со Мојсоски разговараше за ракометните состојби во Прилеп и Струга, за перспективите на македонскиот ракомет и за претстојниот ракометен “фајнал фор“.

Публикум: На задоволство на бројната публика, кадетското финале понуди одличен ракомет, во кој прилепските ракометари за нијанса беа подобри од вашата екипа. Како ја оценувате оваа генерација на млади ракометари?

Мојсоски: Во оваа генерација гледам многу идни ракометари кои ќе ја наследат славната генерација прилепски ракометари, која бележеше одлични резултати и која беше важен фактор во рамките на македонскиот, па и во ракометот од поранешните југословенски простори. Се надевам дека Прилеп на голема врата ќе се врати во самиот врв на македонскиот ракомет. Знаеме што Прилеп направил за ракометот во нашата држава и колку ракометни играчи извадил. Затоа се надевам дека прилепскиот ракомет, со поддршка на локалната самоуправа и со приватните фирми, ќе игра важна улога во пошироки регионални рамки.

Публикум: Пред самиот почеток на ракометниот “фајнал фор“, каква е вашата прогноза? Какви се шансите на „Вардар“ да го задржи тронот?

Мојсоски: Јас се надевам и сакам тоа да се случи. Мислам дека оваа година ќе биде малку потешко од минатата, бидејќи првата година сите нѐ потценија. Годинава, како на европски првак, сите се фокусирани на „Вардар“. Според мене, поголем е ростерот на ПСЖ и сметам дека тој и „Вардар“ ќе се сретнат во финалето. Велам, поголем е ростерот на ПСЖ, бидејќи минатата година го имавме Душебаев, кој беше најдобар десен бек. Оваа година него го немаме, имаме една побавна игра, верувам дека и тој начин на играње ќе даде резултат. Но сепак, Душебаев беше Душебаев.

Публикум: Ќе помине и “фајнал форот“, догодина „Вардар“ ќе биде различна екипа, ќе настапува со сосема други играчи, „Металург“ е исто така далеку од она што беше пред неколку години. Која е перспективата на македонскиот ракомет?

Мојсоски: Овие млади деца кои ги гледавме овде во Прилеп, тоа е перспективата на македонскиот ракомет. Мора да се вложува во младите. Како да кажам… Странците доаѓаат и си одат, нашите ракометари се тие кои остануваат тука. Сегашната ракометна федерација доста вложува во овие деца, гледаме колку младински, кадетски и пионерски школи се отворија. Ќе се појави од нив некој нов Кире Лазаров или Наумче Мојсоски кои ќе ги повторат успесите од минатото. Видовме дека децава играат одличен ракомет иако се шеснает-седумнаесетгодишници, така што имаме перспектива, не треба да стравуваме. Со малку поголемо вложување… ќе биде.

Публикум: Наумче Мојсоски останува во ракометот?

Мојсоски: Да! Останувам како член на Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија, а од пред неколку месеци го презедов и тимот на РК „Струга“. Клубот беше на маргините, го немаше ниту во Втората лига. Еве нашите млади ракометари играа финале во кадетска конкуренција, сакаме да го вратиме клубот онаму каде што му е местото. Знаеме колку репрезентативци излегле од РК „Струга“ и се надевам дека младите ракометари кои со 14-15 години заминуваа од клубот, ќе останат во својот матичен клуб до 20-21 година, па потоа вратите им се отворени за одење во странство. Странство не им бега. Сите направивме така, во наше време немаше одење во странство толку рано. Прво треба дома да се покажеш и тогаш секој што ќе те види, ќе те земе. Така што, мислам дека РК „Струга“ има перспектива во овие деца и дека со работа, полека-полека, резултатот ќе дојде.