Народна банка НБРСМ

НБРСМ: Лани плаќањето со платежни картички достигна 56,2 отсто во вкупните плаќања

Пандемијата со ковид-19 ги забрза процесите на дигитализација на плаќањата, особено електронското иницирање на кредитните трансфери и користењето на електронската трговија. Вкупниот број плаќања извршени во 2020 година забележа годишен раст од 10,2 отсто, при зголемување од 15,6 отсто на плаќања извршени со платежни картички. Ваквите движења придонесоа за натамошен раст на учеството на платежните картички, кое достигна 56,2 отсто во вкупните плаќања, соопштија од Народната банка на Северна Македонија (НБРСМ), по седницата на Советот на која беше усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2021 година.

Под влијание на корона кризата, во 2020 година граѓаните сè почесто гo користеле електронското банкарство за вршење на плаќањата, што придонесува кон значителен годишен раст на бројот на електронски иницираните кредитни трансфери од 31,3 отсто.

„Според платежната статистика, во 2020 година е забележан постојан раст на плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги. Растот на плаќањата во трговијата со платежни картички издадени од домашни издавачи на уреди лоцирани во земјата во 2020 година, беше силен и изнесуваше 25,9 отсто. Притоа, раст од 21 отсто е забележан кај трансакциите на физичките места на продажба, но впечатлив годишен раст од 2,2 пати е забележан кај плаќањата со картички на интернет“, соопшти НБРСМ. Во Извештајот се потенцира дека банкарскиот систем продолжи да работи во услови на сè уште висока неизвесност поради пандемијата, истовремено подготвен да обезбеди натамошна кредитна поддршка за економијата.

Според НБРСМ, во првиот квартал од годинава, во услови на понатамошен раст на ликвидните средства на македонскиот банкарски систем, показателите за ликвидноста се задржаа на стабилно и задоволително ниво. Поголемиот дел од нив, преку кои се следи и се оценува ликвидноста, забележаа подобрување. Во однос на кредитниот ризик, стапката на нефункционални кредити има минимално зголемување и изнесува 3,5 отсто. Оваа промена е одраз на кредитите на домаќинствата, додека нефункционалните корпоративни кредити останаа речиси непроменети. Покриеноста на нефункционалните кредити е на солидно ниво од 69,7 отсто.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

Откако актуелната влада го подигна нивото на социјална помош, се водат дебати дали воопшто се …