НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

Како на ниедна друга Влада досега, на оваа најновата, реформската на Заев, не ѝ дадоа честито ни здив да земе. Не што немаше 100 дена за владеење без критикување и критизирање, туку рафалната стрелба врз неа започна првиот ден после нејзиното изгласување.

Тоа што довчерашната власт не го испочитува политичкиот фер плеј и го прекрши непишаното правило од тримесечна апстиненција од п(л)укање врз станарите на „Илинденска“ бр.2 и не е преголемо изненадување, од причина што во изминатата деценија видовме со кого имаме работа. Не треба да се залажуваме дека со преминувањето на довчерашната власт во опозиција, истата го променила и карактерот. Напротив, припадниците на злосторничкото здружување ја прифатија девизата „Со штитот, или на него“, што подразбира дека нивната евентуална преобразба може да биде само на полошо, никако на подобро.

Грујо и луѓето од неговото потесно опкружување го проширија “фронтот“, па сега бијат две битки: едната против Заев, другата против сопартијците од ДПМНЕ кои го посакуваат нивното заминување од партијата. Онаа против меѓународната заедница воопшто и не ја споменувам, бидејќи тоа е нешто што се подразбира. Затоа нивната бескомпромисност кон сѐ и кон секој кој ја бара нивната “глава“, од ден на ден ќе биде сѐ пожестока. Хазардерскиот приод кон политичките настани кои го креираат правецот во кој ќе се движи државата, ќе биде знак на препознатливост на нивното однесување.

Секое придвижување на демократските процеси, секое приближување кон ЕУ и НАТО, секој обид за изнесување на виделина на вистината за прислушуваните разговори ќе го вклучи алармот за тревога во нивните редови. Таков “луксуз“ Груевци, едноставно, не смеат да си дозволат! Оти не само што тоа ќе значи крај на нивната политичка кариера, што и онака е само прашање на денот, туку ширум ќе им ги отвори портите на Идризово.

Во таа насока ќе бидат и повремените средби со “омилените“ странски дипломати преку кои ќе се обидат делумно да ја сменат сликата која за нив ја имаат во Брисел, Берлин, Париз и Вашингтон. Идејата е да се претстават како политичари кои, особено после настаните од 27 април, ја научиле лекцијата. И кога веќе не можат со дела, ќе ги убедуваат со зборови дека се спремни да ја прифатат улогата на конструктивна опозиција чиј врвен приоритет ќе бидат интересите на граѓаните. Такво мнение за нив треба да стекнат Хан, Могерини, Бејли и друштвото. Оти Грујо знае дека најголемиот успех ѓаволот го постигнал тогаш кога ги убедил луѓето дека не постои.

Освен по регуларен пат, екс премиерот ќе користи и “алтернативни“ решенија кои, всушност, ќе бидат неговиот посилен адут. Во зловреме кога од пеколот го дели миг, не постои цена која не е спремен да ја плати. И тоа во буквална смисла на зборот. Дојде време да се одврзе ќесето и дел од украдените пари депонирани во странски банки да го сменат сопственикот. Не дека тоа и досега не го правел. Милиони евра завршија на сметките на странски медиуми и лобисти. Ама за разлика од тогаш кога сите нив ги плаќаше со државни пари, сега тоа ќе мора да го направи од сопствениот џеб. Факт е дека се тоа пари украдени од граѓаните на Македонија, но сѐ додека со правосилна судска пресуда не се докажат неговите клептомански навики и сите, до денар, не му бидат одземени, тој со нив ќе се однесува како да се наследство од татко му Тало.

Дел од тие пари ќе бидат потрошени и на домашен терен. Тонењето на медиумската империја може да биде забавено, не и запрено, само со “кеширање“ на платеничката вувузелска војска. Меѓутоа дури ни во таа варијанта не може да се занемари фактот дека “изворот“ на неговиот популизам и базата од која ја црпеше својата пропагандистичка моќ, е преполовен. Дури и повеќе од тоа.

Ги нема веќе печатените медиуми на МПМ. МРТВ комплетно ќе ја смени уредувачката политика, Канал 5 полека “еволуира“ во независен медиум а нема да биде изненадување доколку по истиот пат тргне и Сител. Во таква една ситуација кога на располагање му остануваат Алфа и Нова на кои им се заканува банкрот, како и неинвентивните “курирски“ портали, на ова поле на чедото на мајка Нада работата не му е розова.

Освен што голем дел од ставката “непланирани трошоци“ ќе му појде на агресивна медиумска кампања, значителни средства ќе потроши на корумпирање на гласачкото тело. Ги нема повеќе на располагање и останатите довчерашни адути: субвенции за земјоделците, бањи за пензионерите, уцени за административците. Не се за потценување ниту партиските “реформатори“ чија моќ до октомвриските избори континуирано ќе расте. “Идеолошките вмровци“ засега се прилично резервирани по прашањето на нивното инволвирање во процесот на чистење на криминалците од нивната матична партија, иако е јасно дека тогаш кога ќе сметаат дека е неопходно ќе го дадат својот придонес во забрзувањето на неизбежниот процес.

Сето ова Грујо добро го знае. Соочен со можноста од доаѓањето на “судниот ден“, тој нема да биде нем посматрач на настаните кој беспомошно ќе чека да му ја одземат слободата. Во пресрет на октомвриските, сега веќе слободно може да се наречат “историски локални избори“, повеќе од сигурно е дека тоа што не може да го купи со пари, ќе се обиде да го купи со многу пари. Се разбира, не сите ќе одолеат на таквиот предизвик што може да има значително влијание врз изборите кои ќе го трасираат патот по кој ќе се движи Македонија.

Но и покрај сѐ, за локалните избори најмногу се прашуваат Заев и СДСМ. Доколку социјалдемократите и нивните (не)формални коалициски партнери на изборната трка излезат со кандидати кои ја уживаат довербата на своите сограѓани, кои со својот ангажман во рушењето на локалните мафијашки структури на ДПМНЕ покажале лидерство, храброст, одлучност и знаење, тогаш изборниот резултат уште пред 15 октомври ќе биде сосема извесен.

Во спротивно, доколку при изборот одлучуваат некои други критериуми, како на пример “техниката на полжавот“ која подетално ќе ја образложам следниот пат, не сакам ни да помислам што ќе се случи…

Автор:
Чеге Вара                               Прилеп, ебаго!…….(155)

Прочитајте повеќе

БРЗАЈ ПОЛЕКА

БРЗАЈ ПОЛЕКА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …