Не ни треба ни Албанец, ни Македонец за премиер - ни треба добар премиер!

Не ни треба ни Албанец, ни Македонец за премиер – ни треба добар премиер!

Пишува: Зоран Милошески

Не постои партија во светот која после 17 години континуирано практикување на власта, може на гласачите да им вети и понуди нешто ново. Нешто кое во изминатиот период не можело да биде реализирано. Ако знаеле и ако ги бидувало, тогаш и можеле, и морале.

Оттаму, ДУИ имаше прилично стеснет маневарски простор во изборната кампања. Единствениот начин Ахмети да освои пратеник повеќе од коалицијата Села-Гаши и со тоа автоматски да стане победник во албанскиот политички блок, беше да смисли нов изборен трик кој ќе го мотивира електоратот да им ја даде довербата. И, смисли. „Албанец за премиер“, беше победничкиот слоган со кој партијата од Мала Речица „се прошета“ на изборите, со што се стави во „вин-вин“ позиција. Изборниот резултат и обезбедените 15 собраниски столчиња, беа изненадување дури и за нив.

Но, кога освоените пратенички мандати ги третирате како воен плен со кој имате намера да тргувате, да се пазарите, да ги трампате за министерски и директорски функции или за една четвртина од премиерскиот мандат, тогаш изјавите дека преговарате за изнаоѓање решенија кои се најдобри за граѓаните, најблаго кажано се – лицемерни.

Тоа што му се наместија картите онака како што само можеше да посака и што, практично, новата Влада не може да биде составена без ДУИ, не значи дека на зоти Али му е се’ дозволено. Дека може со уцени да добие се’ што ќе посака. Дали во преговорите со СДСМ ќе ги добие спикерското место, министерствата за финансии, внатрешни работи, правда и транспорт и врски, УЈП, гувернерското место во Народна банка и уште нешто, или пак ќе помине со половина од посакуваните позиции, работа е на компромис и политички договор.

Меѓутоа, инсистирањето на премиерското место, макар и само на една година, претставува класична уцена. Бидејќи, на нашата држава не и’ е потребен Албанец за премиер. Ниту Македонец за премиер. Ниту Турчин, Влав или Ром за премиер. Нам ни е неопходно потребен добар премиер! Каква ќе биде неговата етничка, верска или партиска припадност, е потполно ирелевантно.

Зошто еден ден, на пример, не би бил мандатар Абдулменаф Беџети? Според моето поимање на нештата и познавајќи го него лично, сметам дека професорот Беџети би бил издржан и одличен предлог за премиер. Ама, не заради тоа што е Албанец, туку затоа тоа што е искусен и докажан политичар кој, верувам, со успех би предводел некоја идна Влада на Северна Македонија.

Не ми беше поентата да му правам пи-ар на професор Беџети, туку да укажам на нешто друго: дека она што очајнички и’ недостига на власта, на секоја досегашна власт, е принципиелност при изборот или именувањето на функционери во извршната и законодавната власт и, адекватно на тоа, на сите останати раководни позиции во пирамидата на власта.

Конкретно, наместо некритичкиот и субјективен избор на партиски војници, ургентно е да се стартува со „исцртување“ на профил на личност каква што е потребна за извршување на одредена функција: какво образование треба да поседува, со какви компетенции и вештини да располага, на која возраст да биде, колкаво искуство да има… Кога сето тоа ќе го ставиме на хартија, името на кандидатот ќе произлезе само од себе!

Ви звучи ова како илузија? Како фикција? Веројатно да, но како што се придвижува процесот на пристапување кон најпрестижните европски и светски организации, како што ни се отвораат вратите на ЕУ, така и критериумите за избор на носители на функции ќе мора да бидат се’ построги и се’ поконкретни. Сакам да верувам дека по ова прашање, значаен исчекор напред ќе биде направен веќе при формирањето на новата Влада.

Каде е во целата оваа приказна Заев?

И заради остварената изборна победа, но и заради процесот започнат пред неколку години, Заев, едноставно, нема друг избор освен да ја формира и да ја предводи новата Влада. Влада која конечно ќе го одработи целиот мандат. Велам, конечно, оти откако Грујо ја започна циркузијадата со организирање предвремени избори секоја втора година, и тоа на барање на власта, заборавивме кога последен пат ни се случиле редовни парламентарни избори и кога за последен пат некоја Влада владеела 4 години.

Домашната сцена имаше и трет политички субјект, кој трета година по ред не е никаков значаен фактор – ВМРО-ДПМНЕ.

Ако до пред некој ден на Мицкоски му успеваше да го замајува партиското членство со некакви „преговори“  за формирање Влада, сега веќе и на врапчињата им е јасно дека ДПМНЕ останува во опозиција. Исто како што е јасно дека Мицко неславно ја завршува политичката кариера, од причина што нема капацитет да се носи со лидерската функција во партијата, камоли пак со нешто повеќе од тоа.

Впрочем, тоа што откако седна во претседателската фотелја, ДПМНЕ бележи само порази, воопшто не е случајно. Партијата е идеолошки дезориентирана, обезличена, поделена и обременета со судски процеси за финансиски дубиози. За што, за волја на вистината, не може да се окривува само партискиот лидер во заминување, туку дубарите и грабушаната започнаа во време на владеењето на неговиот ментор и духовен татко, унгарскиот бегалец.

Како и да е, разврската околу формирањето на старо-новата Влада полека се наѕира. Она што потоа ќе следува, е поважниот, суштествениот дел кој ги интересира граѓаните: успешно фунционирање на институциите на државата, во насока на обезбедување подобар живот.

Бидејќи, како што рекол Аристотел:„Не е доволно да се победи во војна, поважно е да се организира мирот“.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …