Според планираните активности, требаше да биде поставена нова природна трева и рефлектори за одигрување на натпреварите во вечерните термини, но градежните работи се оддолжија поради низа пропусти.
Претходната локална власт погрешно ја направила проектната документација, згрешила во процедурата, при планирањето и координирањето на реконструкцијата. Без решение за градба биле поставени дури и рефлекторите, вели прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
Зоран Милошески
Дваесет месеци по почнувањето на активностите за изградба и реконструкција на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, со кои треба да биде поставена нова природна трева и рефлектори за одигрување на натпреварите во вечерните термини, на градежните работи не им се гледа крајот.
Најавите на претходниот прилепски градоначалник, Марјан Ристески, и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, беа дека реконструкцијата ќе биде направена со пари од Федерација, со поддршка на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА) и „Хет-трик 4“ програмата за развој. Стадионот треба да биде направен за одигрување на меѓународни натпревари, со најмодерен терен со дренажен систем според сите критериуми на УЕФА и да има капацитет од 18.000 гледачи.
Со потпишувањето на договорот за регулирање на меѓусебните односи помеѓу Општина Прилеп, ФФМ и УЕФА, прилепската локална самоуправа презеде обврска да изгради покриена трибина со најмалку 5.000 столчиња, да го реконструира просторот под трибините и да изгради современи соблекувални.
Фотографиите на најдобар начин ја покажуваат реалната состојба, која кажува дека далеку е денот кога на прилепскиот Градски стадион повторно ќе се тркала фудбалската топка.
– Ваквата состојба на стадионот кој наликува на руина се должи на лошата процена и лошото работење на претходната локална власт. Погрешно била направена проектната документација, направени биле грешки во процедурата, лошо било испланирано и координирано реновирањето. Наместо дозволи за градење, издавани биле решенија за градење, што е спротивно на законот. На истиот начин, без издавање решение за градба, биле поставени дури и рефлекторите. Фирмата која ги изведуваше градежните работи имаше рок од 90 дена истите да ги заврши. Меѓутоа, не само што не ја завршила работата, туку за тие 90 дена успеала да оствари едвај осум отсто од предвидените активности. Од тие причини, локалната самоуправа го раскина договорот со градежната фирма и во моментов во тек е подготовка на нов тендер за изведувач на работите. За сите досега регистрирани неправилности известен е и претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, со кого се договоривме поскоро да ги разрешиме проблемите со кои се соочуваме – појаснува прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
Генератор за електрична енергија во соблекувална!
Градоначалникот Јованоски потенцира дека вкупната инвестиција на Општина Прилеп за реализација на преземените обврски изнесува 28 милиони денари, од кои 10 милиони денари отпаѓаат на поставување метална конструкција за покрив на северната трибина на стадионот. Тој дел од градежните работи продолжуваат да се изведуваат, односно фирмата којашто ја изработува металната конструкција ќе продолжи со својата работа, а поништена е изведбата по однос на реконструкцијата на северната трибина. Тука спаѓаат изведбата на водоводот и канализацијата, електричните инсталации, како и градежно-занаетчиските работи – реконструкција на трибината и на санитарните јазли во приземјето, ресторанот со санитарен јазол, деловните простории, Противпожарната заштита и слично.
Желбата на фудбалерите и раководството на ФК Победа е натпреварите од новата фудбалска сезона 2018/2019 да ги играат тука, на градскиот стадион „Гоце Делчев“. Колку е тоа реално, по сите пропусти направени во изминатите речиси две години, кога почна реконструкцијата на стадионот, тешко е да се каже, зашто во низата исправки кои треба да се направат спаѓа и отстранувањето на генераторот за електрична енергија, поставен во една од соблекувалните за играчи.
Објавено во „Слободен печат“