Не смее да се повтори “да му се може“!

Не смее да се повтори “да му се може“!

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Во 2011 година, во Собранието на Република Македонија се одржа надзорна расправа за случајот „Космос”, на која беа присутни сите одговорни функционери во тоа време. Еден од присутните пратеници му постави прашање на тогашниот директор на Инспекторатот за градежништво и урбанизам, за нивното постапување спротивно на законот, на што директорот одговори: „Вие сте законодавен дом, вие треба да постапувате во согласност со законот…”.

Многу е веројатно дека со оглед на околностите, тој ни сам не знаеше што зборува, но неговиот одговор мене лично ме вознемири. Од тие причини, цел ден по овој настан разговарав со луѓе за неговиот одговор. Најголем дел од оние на кои им го прераскажав настанот, со невидена и несфатлива леснотија ми велеа: „Директор е, му се може!”.

Тогаш за прв пат почнав да размислувам за нефункционалноста на функциите и професиите, за кои увидов дека се последица на непостоењето на елементарен осет за општествена одговорност.

Што точно подразбирам под терминот “нефункционалност” на професиите?

Предолго време во Република Македонија, архитектот не проектира функционални простории, градежникот не се интересира за квалитетот на материјалите со кои гради, професорот не се труди околу незаинтересираноста на учениците, судијата не е заинтересиран за правда, новинарот не го интересира вистината, студентот не го интересира литературата, пратеникот не го интересира законот… И тоа така се зацврстило како правило на однесување, што веќе преминало во култура на живеење.

Се соочивме со протести, контрапротести, бомби, бегства, апсења, амнестии, затворање  медиуми, уривања, затворање новинари, девалвирање на сите значајни општествени сегменти кои произведуваат вредност, и веќе не смее да се дозволи некој да мисли дека “му се може”, на било кој човек кој е на функција да го штити јавниот интерес, да го злоупотребува тоа.

Доколку еден политички систем доживее ваков колапс како што доживеа македонскиот, првите чекори кои треба да се преземат за реставрирање се ефикасни, одговорни и професионални личности, кои ќе прават позитивна промена во општествениот контекст. Оваа година нека биде посветена на изнаоѓање на позитивни примери на учители, наставници, професори, новинари, доктори, научници, судии, студенти, ученици, спортисти, музичари, градежници, архитекти, општествено одговорни бизнисмени кои се сржта на политичкиот систем. Да не заборавиме дека многу често политичарите само можат да се сликаат до нив!

На овој начин да се почне со враќање на достоинството на најважните општествени професии. Пред да се зголемат платите, потребно е да се врати довербата, достоинството и почитта која ја имаа луѓето кои никогаш не беа познати и богати како Амди Бајрам, но спасуваа животи, градеа функционални објекти, победуваа, создаваа емоција со песна кај граѓаните, изнесуваа вистина, воспитуваа, описменуваа, поттикнуваа на размислувања, пишуваа… Тие сѐ уште се тука, само се “невидливи” од оние кои сѐ уште се убедени дека “им се може“. А тие не само што не произведуваат вредност, туку не се спремни ни да ја препознаат.

Биографијата на Хазби Лика е доказ дека сѐ уште на некој му се може да постапува целосно во спротивност со рационалното. Уморни сме од луѓе на кои “им се може“, а ништо не можат!

ПС: Сето ова се однесува на чинителите во општествениот контекст, воопшто, не само на политичарите на власт или опозиција. Со ова сакам да почнам со “децентрализација“ на нашите умови и поттикнување на размисла дека секој, со било која професија, има индивидуална општествена одговорност за она што го работи и создава во јавниот простор. И пак ќе повторам, на никој не смее да “му се може“ да го злоупотребува тоа!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …