Пишува: Анета Неданоска, дипломиран воспитувач
Неделата на детето ја одбележуваме во период во кој се потсетуваме на суштинските права на децата и значењето на нивното правилно образование и воспитување. Ова е време кога вниманието ни е свртено кон најмладите, оние на кои треба да им ја посветиме најголемата грижа, љубов и поддршка, бидејќи тие се нашата иднина.
Правата на децата се темел на секое општество. Меѓународната конвенција за правата на детето ги гарантира основните права – правото на живот, образование, игра, правото да се биде сакан и почитуван. Но, овие права не треба да останат само на хартија. Наша заедничка задача е да ги претвориме во реалност – да создадеме општество во кое секое дете ќе има можност да расте во здрава и поддржувачка средина.
Кога зборуваме за правата на децата, мораме да нагласиме дека образованието и воспитувањето се клучни за нивниот целосен развој. Детето не е само ученик, туку и личност во развој, кое ја гради својата личност преку искуствата што ги добива во најраните години. Овде, улогата на воспитувачите, негователите и предучилишното образование е непроценлива.
Воспитувачите и негователите се мостот меѓу домот и општеството. Во предучилишните установи, ги подготвуваме децата за иднината. Нашата работа не е само да ги научиме на бројки и букви – ние ги учиме на емпатија, соработка, одговорност, почитување на различностите и љубов кон учењето. Им помагаме да ги разберат своите емоции, да ги развијат социјалните вештини и да го откријат својот потенцијал.
Децата се како едно кревко гранче, а ние воспитувачите, негователите и учителите сме тие кои треба да ги поддржиме децата, да ги научиме да се справуваат со предизвиците кои ќе им следат во животот, да им помогнеме да се издигнат во височините.
Но, оваа работа не е лесна. Воспитувањето бара трпение, креативност и посветеност. Секојдневно се соочуваме со различни предизвици, но сепак продолжуваме со полна сила, бидејќи знаеме дека вложуваме во нешто поголемо – во градење идни генерации кои ќе го движат општеството напред.
Предучилишното образование е основа за иднината на секое дете. Во првите години од животот, мозокот на детето се развива со неверојатна брзина и она што го научува во овој период, го носи со себе низ целиот живот. Ако на децата им обезбедиме правилен и стимулативен почеток, ќе им дадеме основа за успех во образованието, но и во животот. Нивната љубопитност, креативност и желба за учење ќе процветаат во средина која ги поттикнува и поддржува.
Затоа улогата на вработените во предучилишните установи мора да биде ценета и призната. Ние сме дел од тимот кој ја гради иднината на нашето општество. Потребна ни е поддршка од сите страни – од родителите, институциите, заедницата, но и од владата која треба постојано да инвестира во подобрување на условите во градинкитe, во изградба на нови градинки, но и во зголемување на платите на вработените во предучилишните установи. На тој начин, вработените ќе имаат достоинствен живот, ќе бидат позадоволни, а само задоволни работници уште повеќе ќе се вложуваат во својата работа. Само заеднички можеме да ги создадеме најдобрите услови за нашите деца.
Кога зборуваме за правата на децата, не зборуваме само за нивното образование, туку и за нивната целосна добросостојба. Секое дете заслужува љубов, грижа и можност да сонува големи соништа. А ние, воспитувачите и негователите сме тука да ги водиме низ тој пат, да им помогнеме да ги остварат своите потенцијали и да се изградат како целосни личности.
На крај, сакам да им се заблагодарам на сите мои колеги воспитувачи и негователи за нивната посветеност и труд. Но и на помошно-техничкиот персонал за нивната вложеност во работата, во искажаната љубов и грижа за децата. Бидејќи и тие, исто така, се еден важен дел од воспитно образовниот процес.
Нека оваа Недела на детето не биде само повод за одбележување, туку и поттик за постојано размислување и дејствување во насока на подобрување на условите за сите деца. Тие заслужуваат свет исполнет со можности, поддршка и љубов.