Неделков: Ако не се најде договор за 10 дена, преговорите ќе продолжат уште десет

Неделков: Ако не се најде договор за 10 дена, преговорите ќе продолжат уште десет

На почеток на преговорите сме, што е добар сигнал и продолжуваме каде што сме застанале. За среќа не почнуваме од нула, што би ни одзело многу време и енергија, туку продолжуваме каде што застанавме, изјави денеска претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Тој потенцира дека имаат рок од десет дена за усогласување на ставовите по однос на медијацијата и ако во текот на тој рок не се постигне договор, тогаш ќе мора да се продолжат преговорите за уште десет дена.

„Сакам да бидам оптимист и убеден дека за десет дена ќе најдеме решенија, ако не ќе мора да одиме на уште десет дена. Што ако Владата остане тврда на ставовите дека има толку средства и дека не може да излезе од тие рамки? Тогаш органите на одлучување на СОНК ќе расправаат за тоа што е понудено, да донесат одлука што понатаму. Јасно е дека штрајкот е ставен во мирување, таа одлука треба да се потврди, односно да се отповика или да се активира штрајкот, рече Неделков.

Во однос на учебната година, Неделков изјави дека работа на Бирото за развој на образованието е да процени колку наставни часови им фалат на наставниците и да се направи програма која што ќе се реализира до 10 јуни, со што учебната година би завршила согласно закон.

„Министерот за образование има дискреционо право по 100 одработени наставни денови да ја верифицира годината како завршена, не постои опасност од кршење на некој закон дека не се реализирани 180 наставни денови“, изјави Неделков.

Во меѓувреме и УНИЦЕФ ја поздрави заедничката одлука на Синдикатот за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука за продолжување на наставата додека трае процесот на преговори во наредните недели.

„Со оглед на задоцнетиот почеток на учебната година и пролонгираниот штрајк на наставниците, императив е не само да се избегнат дополнителни загуби во учењето, туку образовниот систем да закрепне од постоечката криза во учењето и да ја ублажи долгорочната штета врз добросостојбата на децата, севкупниот развој и продуктивноста на општеството. Голема е веројатноста дека овие загуби ќе имаат негативно влијание врз децата денес, но ќе се одразат и на нивната иднина и социо-економскиот развој на земјата“, се вели во соопштението од УНИЦЕФ.

Советот на СОНК донесе одлука да го стави штрајкот во мирување откако до него беше доставено известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот.

Штрајкот започна на 11 април. Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5 отсто односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата им понуди 12 отсто повисоки плати.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …