Преговарачките тимови на Иран и САД требаше да се сретнат во Доха оваа недела, но Иран изјави дека не е закажан состанок, бидејќи размената на оган од двете страни за време на викендот го тестираше привременото примирје.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги испраќа својот зет Џаред Кушнер и неговиот претставник Стив Виткоф да го водат преговарачкиот тим, според неговата прес-секретарка Каролин Ливит. Додека Иран ја испраќа својата техничка делегација во Катар оваа недела, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаи, рече дека ова нема никаква врска со посетата на Американците и дека не се закажани никакви разговори меѓу двете страни.
„Нема да имаме никакви преговарачки состаноци на кое било ниво со американската страна во наредните денови“, рече Багаи.
Несогласувањето околу тоа дали страните воопшто ќе се сретнат ја истакна кршливоста на договорот од 17 јуни за паузирање на конфликтот што ги наруши глобалните текови на нафта низ Ормускиот теснец и создаде политичка главоболка за Трамп пред изборите за Конгресот во ноември.
САД и Иран си дадоа најмалку 60 дена да го спроведат меморандумот за разбирање од 14 точки за продолжување на априлското примирје, да разговараат за нуклеарната програма на Иран и да преговараат за трајно примирје. Но, напредокот запира, при што секоја страна ја обвинува другата за кршење на договорените услови.
Откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, точка низ која претходно се одвиваше околу една петтина од глобалната трговија со нафта, дојде до застој.
Израел не се приклучи на мировните преговори меѓу САД и Иран и се дистанцира од договорот. Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран ги комплицираа напорите за прекин на борбите во Либан, каде што претседателот на парламентот Набих Бери, сојузник на Хезболах, поддржан од Иран, фрли сомнеж врз посебен договор, посредуван од САД, меѓу Либан и Израел, насочен кон запирање на конфликтот.
Затворањето на водниот пат ги искачи цените на нафтата над 100 долари за барел, зголемувајќи ја глобалната инфлација и вршејќи притисок врз Трамп пред среднорочните избори што ќе ја одредат контролата врз Конгресот на САД, каде што некои од неговите колеги републиканци го критикуваа претседателот за водење војна без овластување од пратениците.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место