Неизвесноста на политичката сцена ќе продолжи и оваа 2022 година

Со спроведувањето на локалните избори, оставката на премиерот Зоран Заев, бугарската блокада на евроинтегративните процеси и низа други политички случувања од 2021 година, С Македонија одбележа една година полна со политички превирања, кризи и неизвесност. Земјата не ја очекуваат подобри денови и во текот на 2022 година, а неизвесноста ќе продолжи со оглед на последните случувања и актуелната политичка сцена, оценуваат познавачите на политичките околности за Порталб.мк.

Нивните оценки ги поткрепуваат со тоа дека новата влада, која се очекува да се изгласа во Собранието кон средината на јануари, не е стабилна и партиските препукувања за работи кои не се приоритет на граѓаните и на државата, според нив, ќе продолжат и во текот на годината, притоа потенцирајќи дека ниту една политичка партија не е сериозно посветена на евроинтеграциите и на подобрувањето на животот во државата.

Публицистот и новинар Ерол Ризаов во изјава за Порталб.мк вели дека не е оптимист дека во текот на следната година ќе се случи нешто многу важно во државата. Според него, политичките партии повеќе се преокупирани за тоа колку ќе опстане владата и кој ќе дојде на власт, отколку за неопходните позитивни промени.

„Повеќе има загриженост за стабилноста на владите и на Собранието отколку за иднината. Тоа значи дека енергијата на политичките партии генерално и главно е ориентирана кон тоа дали Владата ќе опстане 2,5 години, дали ќе падне, кој ќе дојде на власт… значи немаме општ консензус за иднината. Иако, ако ги слушате одделно изјавите и на лидерите на политичките партии и одговорните во раководствата на партиите, би требало да заклучиме дека сите се за западноевропски вредности и сите се за повеќе демократија, подобри односи, за подобар стандард, подобар квалитет на животот на граѓаните. Значи дека вербален консензус за тие прашања има“, истакна Ризаов.

Според него, политичките партии не се обединети околу евроинтеграциските дефиниции. Тој исто така рече дека на политичката сцена сè уште се дебатира за кадри по етничка припадност и не се поставуваат квалитетни кадри.

„Во суштина, не постои консензус да не се попречува понатамошната интеграција со Европа. Напротив, се нудат подобри договори отколку сегашните со Грција и Бугарија, дека ќе се зачува достоинството на македонскиот народ и воопшто на сите граѓани на Северна Македонија. Сето тоа ќе трае во Северна Македонија, ќе се плати цената на задржувањето или преземањето на власта, а граѓаните ќе бидат доведени во позиција постепено да го прифатат тоа како нешто нормално и да нема отпор кон тоа или да не вршат притисок врз политиката. Изгледа годината повторно ќе ни помине со пандемии, со меѓупартиски препукувања, пак ќе има поделби“, рече тој.

Според првиот човек на Институтот за демократија Социетас Цивилис, Марко Трошановски, на планот на надворешната политика земјата ќе продолжи да стагнира, бидејќи не гледа дека проблемот со Бугарија ќе се реши скоро.

„Очигледно е дека таму самата Влада и бројот на коалиционите партнери не се конзистентни на ставот да го надминат проблемот со нас, а мислам дека подигањето на очекувањата кај нас дека проблемот ќе се реши брзо се необјективни прогнози. Тоа ќе значи дека со стагнацијата во евроинтеграцискиот процес треба да се фокусираме на регионалните иницијативи, пред сé на Берлинскиот процес, но и механизмите што ги нуди Отворен Балкан, сé додека тие се во контекст на европската интеграција и прилагодување на општествата за што поскора интеграција со правилата на Европската Унија“, рече Трошановски.

Во однос на внатрешната политика, тој оценува дека ќе има предвремени парламентарни избори, бидејќи незадоволството кај населението е значително големо и оценува дека актуелната владина коалиција не е толку стабилна како што изгледа.

„Мислам дека може да нé очекуваат предвремени избори. Но, со оглед на распоредот на силите на терен, не верувам дека некоја партија ќе има значителна предност, која повторно може да не доведе до некаква политичка криза, билатерални блокади и нефункционалност. Јасно е дека партиите немаат автентична заложба за реформите што треба да се случат, пред сè за забрзана заложба за независност на судството и одвојување на судството од политичко влијание. Високата корупција е значително зголемена и гледаме дека тоа воопшто не се третира ниту преку Јавното обвинителство. Има мали подобрувања, но тоа е толку ендемично што тие мали подобрувања не се воопшто доволни. Досега партиите, и покрај евроинтегративниот процес, не докажаа автентична волја за дејствување, а дејствување во правец на јавниот интерес не гледам кај ниту еден политички чинител“, истакна Трошановски.

Северна Македонија се очекува, по оставката на премиерот Зоран Заев, што е истовремено и оставка на целата Влада, од средината на јануари да добие нов премиер и нова влада. Новата влада ја очекуваат многу сериозни предизвици, вклучувајќи ја пандемијата, енергетската криза и решавањето на спорот со Бугарија.

Но, на почетокот на годината треба да се објават и резултатите од пописот на населението, кој по 20 години се одржа во септември минатата година, процес за кој имаше и многу дискусија во јавноста.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Задолжителна стерилизација, гробишта за миленици, полиција за животни – новиот предлог закон влезе во Собрание

Законот подолг период го изготвуваа здруженија за заштита на животни во соработка со пратеници, а …