пари пензии плати

Некој бара плата, некому клуч на врата

Вработени во министерства бараат зголемување на платите, засега неуспешно. Неколку приватни научни институти добија клуч на врата. Зошто нема патнички возови до ниедна соседна земја? Њузлетер 17.01.2025

Почна новата сезона на протести за поголеми плати

Вработените од неколку министерства на 14 јануари излегоа на получасовен штрајк пред Министерството за животна средина за поголеми плати. Најавија секојдневно протестирање.
Тие се разочарани што Владата не предвиде средства за потпишување на колективниот договор, кој ќе значи покачување на платите за 30 отсто.

„Иако предлог-колективните договори беа доставени до Министерството за финансии пред носењето на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување колективни договори“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ).

Деаноски повтори дека ова барање е старо повеќе од четири години и дека за овој додаток на плата протестирале и штрајкувале со години.

„За жал, ниедна влада досега не го слушна нашиот глас“, изјави Деаноски.

Протестираат вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.

Од Владата порачуваат дека се подготвени да разговараат на секоја тема, но упатија и обвинувања дека денешниот штрајк бил незаконски и политички мотивиран. Владината портпаролка Марија Митева го обвини УПОЗ дека изминатите години „молчел за ова прашање“ и оттаму, посочи, се сомневаат дека „зад ваквиот чекор стои политичка заднина на Синдикатот кој делува како продолжена рака на партиите“.

Затворање неактивни приватни институти

Затворањето на Институтот за научни истражување ЛАОР од Тетово минатата недела беше последниот исход од ревизијата што ја прави Министерството за образование и наука (МОН). Ова е шестиот приватен научен институт во низа за кој министерката Весна Јаневска соопшти дека добива клуч на врата.
Во Тетово е затворен и Институтот за мода „Фешн дизајн“, но и неколку други институти во Скопје – Институт за бизнис економија, Институт за геобиологија, археологија, подземни води и екологија, Институт за наука, алтернатива, култура и уметност, како и Институтот за одржлив развој и управување со климатски промени „МИЛИЕУКОНТАКТ МАКЕДОНИЈА“.

Од МОН за Радио Слободна Европа објаснуваат дека два се затворени бидејќи не биле активни подолг период, додека четири затоа што не ги исполнувале условите за вршење научно-истражувачка дејност.
Сега, останаа да функционираат уште 29 други приватни научни институти и 9 државни.
На ваквите процеси треба да се гледа како на редовна постапка, смета поранешниот министер за образование и универзитетски професор, Ненад Новковски.

„Затоа се и надлежните тела за акредитација кои вреднуваат дали некои програми се квалитетни, дали треба да се одобрат, да функционираат и дали треба да продолжат. Во таа смисла, тоа си е редовна постапка за оценка на квалитет“, потенцира Новковски.

Инаку, научната дејност, како и целокупното високо образование во земјава наскоро би требало да добијат нова законска рамка. Министерката Јаневска посочи дека работната група во Националниот совет е при крај со изработката на новиот Закон за високо образование.

Студентите бараат повеќе пари за оброк за сите

Во време кога трошоците постојано растат, субвенцијата за студентски оброк треба да се зголеми од 140 на 160 денари. Но, студентските собранија при универзитетите во Скопје и Битола сметаат дека освен ова зголемување, треба да се дозволи право на студентски оброк да добијат и други групи студенти – оние што се вработени, земјоделци и корисници на семејна пензија.
По нивната средба на почетокот на годинава со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, кога таа потоа го презентираше буџетот за годинава, рече дека ќе има пари за зголемување на субвенциите за оброк, но нема да се прошири со нови категории студенти.

Со картичката за субвенциониран студентски оброк, студентите сега имаат на располагање по 840 денари седмично, кои не може да ги користат во недела и за време на празници.

На средбите во Министерството за образование и наука, надлежните им најавиле на студентите и измена на Законот за студентски оброк. Со измените, ова законско решение ќе ги опфати и сместувањето, превозот, но и стипендирањето на студентите. Бесплатниот автобуски превоз за студентите во Скопје ќе продолжи и во 2025 година, откако Владата на 31 декември на седница одлучи да му префрли 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП – Скопје.

„Според мене, многу важни прашања исто така се бесплатниот градски превоз за студентите во другите универзитетски градови, понатаму субвенциониран меѓуградски превоз за студентите коишто патуваат секојдневно од другите градови до Скопје, до Битола, Прилеп и така натаму“, вели Александар Николовски, лидерот на универзитетското студентско образование (УСС) на УКИМ.

Конфискуван имот од стотици милиони евра, наплатата минимална

Речиси 62 милиони евра би можела да „тежи на хартија“ Агенцијата за конфискуван имот, доколку судот ги прифател барањата на обвинителите за заплена на имотот стекнат со криминал, покажува анализата на Радио Слободна Европа на 30 високо профилни судски случаи.

Според анализираните предмети, Судот во пет од 30 судски случаи пресудил да се конфискува имот во вредност од 49 милиони евра. Доколку до сега се наплателе овие пари, државата би можела со нив, на пример да плати камата за првите три години од унгарскиот кредит, или да изгради најмалку 30 нови училишта.

Станува збор за пресуди со конфискација кои и по неколку години од правосилност се уште не се во целост реализирани и наплатени. Меѓу нив се пресудите во предметите „Империја“ во која осудени беа поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков и бизнисменот кој е на американската црна листа Јордан Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски за „Плацевите на Водно“, бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ , поранешните разузнавачи кои се бегство Никола Бошкоски, Тони Јакимоски и Горан Грујевски и сопственичката на фирма Вера Иванова во предметот „Диамед“.

Минатата година Агенцијата успеала да „инкасира“, 1,6 милиони евра од продажба на имот кој со судска пресуда станал сопственост на државата.
На 13 февруари лани бил објавен последниот оглас за продажба на конфискуван имот од страна на Агенцијата за управување со одземен имот. Тогаш за продажба биле огласени седум возила. Оттогаш огласи за аукции и продажба на движен и недвижен имот, запленет со судска пресуда, нема.

Во Извештајот на Европската Унија за напредокот на земјава се посочува дека механизмот – конфискација на имот, стекнат со криминал, многу малку се спроведува во пракса. Зошто? Прочитајте подетално во анализата на РСЕ, ТУКА.

Зошто нема меѓународни патнички возови?

Од осамостојувањето на државата, железничкиот сообраќај во Македонија пропаѓа. Немаше инвестиции во нова, а ниту во постоечката железничка мрежа. Пругата кон Бугарија, која е дел од коридорот 8, уште не е готова. И за брзата пруга од Гевгелија до Србија, како дел од коридорот 10 исто така нема проект, туку само е идеја.

Ќе дочекаме ли некогаш меѓународен патнички воз?

Последно обраќање на Бајден како претседател на САД: Ќе владеат „олигарси“

Џо Бајден ќе ја напушти претседателската функција на 20 јануари со инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, милијардер, кој беше поддржан од извршниот директор на Тесла и ИКС, Илон Маск, најбогатиот човек во светот и други ултра богати луѓе.

Американскиот претседател Џо Бајден одржа проштално обраќање до нацијата, предупредувајќи дека во Америка се формира „опасна олигархија“ на исклучително богати луѓе кои поседуваат моќ и влијание што ја загрозува демократијата.

„Загрижен сум поради опасната концентрација на моќ во рацете на неколку богати луѓе“, рече Бајден, говорејќи од Белата куќа.

На инаугурацијата на Трамп се очекува да присуствуваат и двајца други истакнати американски милијардери – основачот на Амазон Џеф Безос и ко-основачот и извршен директор на Мета (Фејсбук), Марк Закерберг.

Бајден оцени дека вредностите на САД „постојано се тестираат“, предупредувајќи на потенцијалниот пораст на, како што го нарече „технолошки индустрискиот комплекс“ и иднината на вештачката интелигенција.

„Американците се закопани под лавина дезинформации и дезинформации што овозможуваат злоупотреба на моќта“, рече тој. „Слободниот печат се распаѓа. Уредниците исчезнуваат. Социјалните медиуми се откажуваат од проверката на фактите. Вистината е задушена со лаги и за моќ и за профит“, оцени Бајден во последното обраќање како претседател на САД.

Прочитајте повеќе

Колева: Власта најсурово го осиромашува народот

Колева: Власта најсурово го осиромашува народот, безмилосно удри по стандардот и џебот на граѓаните

Граѓаните се излажани од ВМРО-ДПМНЕ и ова власт како намерно да работи на тоа да …