Албанскиот тенор со светска слава, Рам Лахај, в четвртокот одржа концерт пред скопската публика во салата на Македонска опера и балет. Иако планот беше Лахај на сцена да излезе со оркестарот на МОБ, сепак тоа не се случи. Тој својот настап го почна и заврши со пијанистот Генц Тукиќи и неколкумина други музичари. За КТВ, Лахај изјави дека оркестарот бил некоректен и непрофесионален, па затоа одлучил концертот да го продолжи само со Генц Тукиќи.

„Ги слушнав гласините околу претходните концерти дека понекогаш македонските оркестри не се професионални и коректни кога се во прашање албанските активности. Тоа го потврдив и самиот, при што дојдовме до откажување на концертот со оркестарот, па затоа во последен момент го земавме Генц. Истиот проблем ми се случи и со онлајн продажбата на билети, еднаш ги имаше, потоа беа повлечени. Имавте можност да ја видите и салата“, изјави Ра Лахај – тенор.

Уметничкиот директор на Фестивалот Сцена на сериозна албанска музика, Фатос Лумани, не сакаше да говори пред камера, туку неговиот став го изнесе писмено. Според него, тенорот и диригентот го одбиле оркестарот бидејќи не им се допаднал.

„Не сакаме да размислуваме со националистичка реторика, иако изборниот период секогаш ја насочува водата на тој пат. Не можеме ниту да ги потврдиме, ниту негираме причините за неодговарање на барањата во одреден момент и одредено ниво на оркестарот кон диригентот. Она што со сигурност можам да го кажам е дека имаше посветеност и добра волја од директорот на МОБ, Васо Ристов и од раководството на оваа установа – за овој концерт да се одржи со оркестарот на институцијата. Поради тоа, ние и во иднина ќе соработуваме со МОБ“, изјави Фатос Лумани – уметнички директор на фестивалот сцена на сериозна албанска музика.

Директорот на МОБ, Васо Ристов не ни одговори на телефонски повици, туку се произнесе преку писмено соопштение во кое вели дека тенорот и самиот организатор одлучиле оркестарот на МОБ да не учествува во концертот.

„Оркестарот на МОБ беше договорен да биде изнајмен како музичка поддршка на тенорот Рам Љахај. Поради технички причини и недостаток на време за музичко и техничко усогласување, организаторот и тенорот донесоа одлука концертот да се изведе без ангажирање на оркестарот на МОБ“, велат од македонската опера и балет

ТВ21 побара став и од министерот за култура, Асаф Адеми. Тој вели дека бил присутен во салата и дека очекувал на сцената да го види и оркестарот, но сепак, како што тврди, и тој дури подоцна дознал дека организаторот и диригентот на тенорот одлучиле концертот да го изведат без оркестар. Адеми додаде дека останатиот дел поминал во најдобар ред и дека со задоволство го проследил концертот. Инаку, Рам Лахај е еден од најпознатите светски тенори и има добиено престижна оценка кога станува збор за операта.

Извор: ТВ21