Нелегалната сеча ги пустоши шумите во Северна Македонија

Истражување на Форум – Центар за стратешки истражувања и документација

Пишува: Даниела Такева

ЈП „Национални шуми“ на годишно ниво во сите триесет подружници произведува – сече просечно 600.000 кубни метри дрво, a приватните сопственци на шуми сечат околу 100.000 кубни метри воглавно техничко дрво.

Во Република Северна Македонија, 229.529 домаќинства за загревање на своите домови користат огревно дрво. Граѓаните и јавните установи на Република Северна Македонија според повеќегодишни просеци годишно трошат во просек од 1,4 до 1,6 милиони кубни метри огревно дрво. Тоа покажува дека нелегално се сече и на пазар се пласира помеѓу 800.000 и 1.000.000 кубни метри дрво годишно.

Тоа е количината со која дрвокрадците ги снабдуват граѓаните кои овој енергенс го користат за загревање. Еден кубик огревно дрво се продава за околу 3500 денари. Со нелегална сеча според овие податоци државата е оштетена од страна на дрвокрадците за 3,5 милијарди денари или 50 милиони евра годишно. Или, во последните десет години, откако илегалната сеча е сè помасовна, државата е оштетена за повеќе од 500 милиони евра.

Државната ревизија, во својот ревизорски извештај број 09-311/23 од 16.05.2018 година  констатирала дека со години податоците за количината на легално исечената дрвна маса и годишната потрошувачка на дрво не се поклопуват. Разликата секоја година е голема. Ревизијата изврши споредба на податоците за бесправна сеча на шуми во државата добиени од страна на ЈП Македонски шуми, Државен инспекторат за шумарство и ловство и Државен завод за статистика за 2014 година и ја утврди следната состојба: во ЈП „Македонски шуми“ евидентирана е бесправна сеча од 28.472 кубни метри дрвна маса, во Државен инспекторат за шумарство и ловство евидентирана е бесправна сеча од 44.031 кубни метри, а во Државен завод за статистика 25.230 кубни метри.

До овие фрапантни бројки дојде Форум – Центар за стратешки истражувања и документација преку истражувањето спроведено во периодот ноември 2019-2020 во рамки на проектот „Запознавање со механизмите и алатките за спречување криминал и корупција при експлоатација на шуми“, како дел од проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор“, поддржан од Европската Унија, а го спроведуват заедно со Центарот за граѓански комуникации од Скопје и граѓанските организации „Конект“ и Здружение на даночни советници во Република Северна Македонија.

Проект за идентификација на генераторите на нелегалните активности

Во рамките на проектот во текот на изминатата година е разговарано со бројни соговорници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Национални шуми“, Шумската полиција во Струмица, Радовиш и Берово, претставници на ЕЛС, месни заедници, дрвопреработувачи, верски заедници и сите оние кои имат допир со експлоатација на дрвото или се сопственици на шума.

– Целта на проектот беше да се идентификуват генераторите, начините и методите на нелегалните активности и корупцијата при експлоатација на огревното и техничкото дрво од државните и приватните шуми. Да се маркираат активностите на ЈП „Национални шуми“, кои се најподложни на криминал и корупција, да се следат јавните набавки во ЈП „Национални шуми“ и нивните активности на терен каде се врши непосредна експлоатација на дрвото.  Резултатите од истражувањето ќе им помогнат на сите оние кои имат допирни точки со експлоатација на дрвото – сопствениците на приватни шуми, претпријатијата кои се занимаваат со преработка на дрво, месните заедници, кои располагаат со сопствена шума, да се запознаат како и каде да ги бараат елементите кои можат да ги стимулираат нелегалните активности при сеча на шумата и да стимулираат корупција. На тој начин ќе ги зајакнат своите капацитети и ќе можат да формираат коалиција која ќе врши мониторинг над експлоатација на шумите во Република Северна Македонија. Со оглед дека се работи за специфична стопанска дејност, наша цел беше граѓанските организации во рамките на проектот да стекнат знаење како да ги маркираат најризичните релации помеѓу ЈП и приватните извршители кои извршуваат одредени работи за ЈП при екплоатација на шумите и да алармираат за појавите на криминал и корупција. На тој начин ќе помогнат да се зголеми транспарентноста и интегритетот на ЈП, истакнува Александар Писарев, истражувач од Форум ЦСИД.

Јавните набавки на претпријатието- сомнежи за злоупотреби и корупција

За да функционира претпријатието, односно за да се извршуваат шумарските услуги (сеча, утовар, дотур, превоз, итн.) се ангажираат надворешни фирми. ЈП „Национални шуми“ вработува 2.250 лица, според податоците од 2018 година. Според изјавата на Маре Басова, помошник директорка во ЈП „Национални шуми“, 75 проценти на работата во ова претпријатие ја извршуват надворешни економски оператори, а 25 проценти вработените. Според, планот за јавни набавки за 2020 година, вкупната вредност на јавните набавки изнесува повеќе од 858 милиони денари, а вредноста на услугите изнесува 569 милиони  денари. Најголеми средства се планирани за извршување на шумарските услуги за сеча, дотур и превоз на дрвни сортименти – 520 милиони денари, или само за сеча 340 милиони денари и за превоз на исечено дрво 180 милиони, или преведено во евра, ЈП „Национални шуми“ на име на услуги на надворешни економски извршители годишно им исплаќа скоро 10 милиони евра.

Во истражувањето се посочува дека заради бројните дилеми и сомнежи за злоупотреби во работењето на ЈП „Национални шуми“ во 2015 и во 2016 новото раководство ангажирало независен ревизор кој соопштил неколку, навистина, зачудувачки факти. Претпријатието од своето основање во 1997 година до денес никогаш не направило годишен попис на државните шуми со кои располага, ниту направило попис колку државна шума има во државата (Законот за шумите, член 77, став 2 предвидува задолжително правење попис на шумите секоја година и негово задолжително доставување до Министерството за земјоделство). Па, следствено на овој податок, истражувачите го поставуваат прашањето: Зошто никој од Министерството не барал да се направи попис?

Јавното претпријатие е многу гломазно. Според истражувањето „Транспарентност и отчетност на претпријатија во државна сопственост“ кое го направи Центарот за граѓански комуникации, просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди, изнесува само 28% од можни 100%, а ниту едно од 30-те најголемите претпријатија во државна сопственост, чии вкупни годишни приходи надминуват 700 милиони евра, нема високо или солидно ниво на транспарентност. Просечното ниво на транспарентност и отчетност на ЈП „Национални шуми“ изнесува само 28% и според ова истражување транспарентноста на ова претпријатие се смета како минимална.
Според изданието на Центарот за граѓански комуникации „Финансиска анализа на работењето на државните претпријатија“, претпријатието работи со ниска профитабилност од 2,3% просечно, односно 1% за 2018 година.

Средствата што ги поседува претпријатието со ваков профит би се обновиле за неверојатни 964 години, а вложениот капитал за неверојатни 1.494 години. За илустрација, во приватниот сектор времето на поврат на вложениот капитал се позиционира вообичаено на 10 години. И со вкупните приходи ги покрива вкупните расходи и остварува вишок или кусок просечно 4 %, вели Писарев.

– Ќе го цитираме само Резимето од Конечниот извештај на овластен државен ревизор, во кое се вели следново: „Со извршената ревизија констатирани се состојби кои имаат влијание на ефикасноста на преземените мерки, политики и проекти за заштита на шумите во РМ. За воспоставување на целосен и ефикасен систем за заштита на шумите е констатирано дека не се преземени сите неопходни активности од страна на надлежните институции за: спроведување попис и воспоставување катастар на шуми и шумско земјиште, не се преземени сите неопходни активности за заштита на шуми од нелегална сеча, заштита од пожари, пошумување и чување на шумите, не се преземани мерки и активности за донесување и ажурирање на основните плански документи за заштита на шумите, донесување подзаконска регулатива поврзана со заштита на шумите, заштита на шумите од штетници“. Понатаму се наведени уште многу констатации кои говорат негативно за интегритетот на ова ЈП и отвораат сомнеж за постоење услови за непочитување на јавниот интерес. Извештајот и на независниот ревизор, Ревизија „Чулева“, упатен до основачот и управниот одбор на ЈП „Национални шуми“ е уште позагрижувачки и директно асоцира на постоење можности за корупција, посочува Писарев.

Сеопфатна мобилизација на сите чинители

Резултатите од истражувањето на Форум покажуваат дека е потребна сеопфатна мобилизација на чинителите во државата, за да се сопрат негативните трендови во експлоатација на шумите, дивата сеча и кражбите на дрво, да се воведе ред во експлоатацијата на дрвната маса и да се сопре бесправната и илегалната сеча во државните и приватните шуми.

– Нашата цел е да ја поттикнеме проактивноста на граѓанското општество и на граѓаните, да влијаат врз јавните политики, да ја одржат одговорноста на релевантните институции и да придонесат кон јакнење на интегритетот на целокупното општество. Граѓанското општество треба да го следи трошењето на јавните пари, затоа што на ниво на државата годишно се објавуват околу 7000 огласи за јавни набавки, а се склучуваат повеќе од 20.000 договори за јавни набавки и се трошат околу 800 милиони евра.

Дипл. шум. инженер Жаклина Гушева посочува дека бесправните сечи во Република Северна Македонија не се од понов датум, туку тие се традиционални и додава дека организираните дрвокрадци кои вршат сеча на шума за да се здобијат со финансиски средства преку продажба на огревно дрво, нанесуваат непроценливи штети на шумите во Република Северна Македонија, како од економски така и од еколошки аспект.

По задолжение од Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола,  во текот на 2015 и 2016 година во сите 30 подружници на ЈП „Национални шуми” беа формирани 329 шумочуварски реони на вкупна површина од 1.139.659 ха. Секоја подружница треба да има, во зависност од големината на реонот, просечно по 10-12 шумочувари. Овластен државен ревизор констатирал дека од 30 подружници, во само осум подружници е адекватно пополнет бројот со шумочувари, во останатите бројот е многу помал, а во некои воопшто и не постои. Причината лежи во тешката и специфична работа на терен и големите ризици во обезбедување на шумата од дрвокрадците.
Постојат проблеми и можности кои можат да ги стимулираат дрвокрадците, нелегалните активности во шумата и кражба на дрвната маса. Тие се резултат на недоволна соработка и некоординираност помеѓу шумската полиција и шумочуварите. Шумска полиција не е доволно информирана што се случува внатре во шумата, а шумарите немат увид што се случува надвор од шумата. И според извештајот на Овластениот државен ревизор, помеѓу овие две служби не постои доволна координација во работата.

Криминал? Или еколошки криминал?

Проф. Марина Малиш Саздовска од Факултетот за безбедност во Скопје, го предава предметот Еколошка криминалистика. Таа вели: „Дрвокрадството е системски проблем, а во МВР не постои посебно одделение за сузбивање на еколошки криминал. Во институциите повеќе фокус се дава на уништување и илегалната сеча на шумите како на кривично или прекршочно дело, а не како на еколошки криминал со далекусежни последици по загадување на  воздухот, ерозија и промена на климата. Не се согледуваат еколошките последици од оваа нелегална дејност во шумите. Тоа е пропуст во организацијата на МВР и поради тоа отсуствува и превенција и адекватни санкции за сузбивање на еколошкиот криминал. Отсуствува и интер-ресорска соработка помеѓу Инспекторат за шумарство и ловство, Шумска полиција, МВР, ЈО и Суд“. Тие би требало меѓуресорски да соработуваат на сузбивање на овој вид криминал кој според професорката Малиш Саздовска е пред сè еколошки, со далекусежни последици.

Во очекување на трансформацијата на ЈП Национални шуми

Во новите општествено политички услови, кога Република Северна Македонија треба да ги започне преговорите со Европската Унија за полноправно членство, во процесот на трансформација на ЈП „Национални шуми“ ќе се отворат многу дилеми, пред сè како истовремено да се води сметка за јавниот интерес и за еколошката компонента при експлоатација на шумата, и истовремено да се обезбеди профитабилност на претпријатието. Во МЗШВ сметаат дека трансформацијата на ЈП „Национални шуми“ треба да оди во правец на децентрализација на ЈП, при што подружниците би добиле ингеренции на самостојни претпријатија, со што би се обезбедила нивната економска одржливост.

Горан Личовски, советник за заштита на шумите во Сектор за шумарство и ловство во МЗШВ објаснува дека размислувањата одат во две насоки. Во овој момент подружниците на ЈП немаат правен статус и не располагаат со никакви финансиски средства, со што зависат од централата, односно од ЈП „Национални шуми“. Ваквиот начин на работата е погоден да стимулира нелегални активности, криминал и корупција во подружниците, што е многу тешко да се контролира и докаже. Можеби трансформацијата би било добро да се изврши со пронаоѓање на сличен модел кој функционирал до 1998 година, кога  денешните 30 шумски подружници на ЈП биле 30 самостојни шумски стопанства, секоја со своја жиро сметка и воделе во својот регион грижа за заштита, одгледување, експлоатација, преработка на дрво, а работата ја контролирало директно министерството и другите надлежни институции. Организациската форма може да биде акционерско друштво во државна сопственост, агенција за шумарство или нешто друго.  Во рамките на овој процес интензивно се работи и на започнување на инвентаризација на шумите и изработка на катастар на шуми.

Маре Басова, помошник директорка во ЈП „Национални шуми“ вели: „Шумарството како гранка во Република Северна Македонија е многу сложено имајќи предвид дека стопанисувањето со шумите од една страна е дејност од посебен јавен интерес и ние како ЈП треба да го штитме тој јавен интерес, а од друга страна од нас како јавно претпријатие се очекува дека треба да работиме на профитабилна основа. ЈП во моментот не располага со доволна механизација и луѓе кои се обучени во тешки услови да извршат сеча на дрва и поради тоа преку оглас за јавни набавки вработуваме надворешни лица – економски оператори.

 

Овој прилог е изготвен со поддршка на Европската Унија преку проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во јавниот и приватниот бизнис-сектор“ што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, Здружението Конект и Здружението на даночни советници, а во рамките на проектот „Запознавање со механизмите и алатките за спречување на криминал и корупција при експлоатација на шуми“ спроведуван од Форум ЦСИД од Скопје. Содржината е единствена одговорност на Форум ЦСИД и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …