Нема кривични пријави за големите загадувачи

Нема кривични пријави за големите загадувачи

Државниот инспекторат за животна средина нема поднесено кривична пријава против некој од големите загадувачи кои подлежат на А-интегрирана дозвола, бидејќи не направиле таков прекршок, вели Сретен Стојковски, директор на Инспекторатот. Но на пример поднеле кривична пријава за палење на трската во охридско. Од прекршочни пријави, пак, лани во Буџетот легнале 300 илјади евра.

Господине Стојковски, свесни ли сте за недовербата на граѓаните во институциите и дека се игнорира нивното барање за здрава животна средина?

Во овој период откако сум директор, година и пет месеци, мислам дека државниот инспекторат за животна средина ја поврати довербата. Тоа можеме да го видиме со нашето постапување во однос на сите правни и физички лица кои што ја загадуваат животната средина. Треба да го имаме предвид фактот, кој што е јавно објавен, дека за периодот којшто го спомнав се напишани санкции од некаде над 800 илјади евра, од кои само мината година, 2022, во Буџетот се легнати над 300 илјади евра. Тоа докажува дека државниот инспекторат стана една од најпрофесионалните институции, којашто без пардон, ги казнува сите загадувачи во државата.

Општиот впечаток е дека зборува за корупција, за поткуп, дека големите индустрии опасно загадуваат, a дека се недопирливи.

Не е точно, фактите го кажуваат спротивното, дека големата индустрија е на удар на државниот инспекторат. Сите оние кои ги надминуваат граничните вредности за емисии во нивните дозволи, како што се А- интегрираните дозволи, и елаборатите издадени од Министерството за животна средина, кои што се контролираат од државниот инспекторат за животна средина, при секое надминување има санкција.

Деновиве и вие објавивте дека цементарница Усје ги надминува вредностите на загадувањето. Градоначалничката на Град Скопје поднесе кривична пријава против цементарница Усје, против компанијата Титан Усје, а вие поднесовте прекршочна пријава со можност за спогодба, меѓутоа зошто не постои координираност во ваков тип на акции меѓу институциите?

Значи Државниот инспекторат си има своја улога што контролира, а што Градот Скопје. Државниот инспекторат ги контролира големата индустрија, како што реков, а додека Градот Скопје ги контролира Б-интегрираните дозволи и елаборатите издадени од општините. Значи секој треба да си ја работи својата работа. Ние пред вонреден инспекциски надзор на Цементара, следејќи го загадувањето и предвидувањата во месечните планови и годишните планови на државниот инспекторат, во ноември имавме надзор на Цементарница, бидејќи помина на мазут, и котелот што е за греење на просториите помина на мазут. Ние ги задолживме да направат вонредни мерења во акредитирана лабораторија. Тие направија мерења и мерењата беа во рамките на дозволеното, но при крајот на годината на 30. 12 пак направивме уште еден вонреден надзор и при вонредниот надзор констатиравме дека има надминување на граничните вредности за емисии од парниот котел за греење на просториите и соодветно, согласно законот за надминување на граничните вредности, согласно Законот за животна средина тоа е најголем прекршок од трета категорија, каде што казните се ригорозни и се движат до 200 илјади евра.

Меѓутоа според податоците на Министерството за животна средина, за емисиите на Усје стои дека недостасуваат податоци во декември за 20 часа и дека не се мерат емисиите на сите 12 оџаци на фабриката, туку има обвинение дека се лажираат податоци. Дали ги земавте овие информации во предвид пред да ги направите контролите на Цементарница?

Да, да ги земавме. Ние, односно инспекторот, Цементарница го извести за периодот кога имаат ефекти и тој период е опфатен во дописот којшто го има во нашата институција дека во тој период не работеле и една од печките имала некои дефекти и не работеле 12 или 15 часа, сега точно треба да го погледнеме извештајот, значи имаме соодветна документација дека не работела.

И што се случува во овој случај кога недостасуваат податоци?

Не, податоците ги имаме, во тој дел, во тој период имаме „0“ емисии, бидејќи печката не работи и останатите емисиони точки не се во функција. Ние ги споредивме резултатите што ги добивме од Цементара за континуираниот мониторинг систем на 03.01 2023, кога го направивме мерењето и нашите резултати добиени од акредитирана лабораторија и резултатите со некоја минимална грешка што е предвидена со вакви мерења, резултатите се совпаѓаат. Дел од емисионите точки не се во функција, бидејќи технолошкиот процес е таков што еден дел ќе работи, друг дел од емисионите точките од опремата нема да работи, и во извештајот си пишува – тоа што работи, работи, тоа што не работи, не работи и за нив има. Ние направивме анализи од лабораторијата на главните емисиони точки, тоа се однесува на двете печки, резултатите покажаа дека се во граничните точки на емисии. Инаку да не се лажеме, секоја индустрија загадува, ама затоа тука е правилникот за гранични емисии на штетни материи во амбиенталниот воздух и добиените резултати се во рамки на тие гранични вредности, дадени во А – интегрираната дозвола на Цементара.

Дали воопшто како институција имате поднесено кривична пријава против некој од големите загадувачи кои подлежат на А-интегрирана дозвола?

Во однос на нив немаме, бидејќи не направиле таков прекршок, а во однос на дека сме поднеле кривични пријави, сме поднеле, еве за палење на трската во охридско, во тој дел поднесовме кривична пријава.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …