Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска
Кога зборуваме за носители на високи државни функции кај нас, одамна не подразбираме и не мислиме на интелектуалци. Кога се мисли на интелектуалец, не се мисли на армијата “интелектуалци – чиновници“ кои се релативно добро вгнездени во државната структура, на која и’ е туѓ начинот на размислување и животот на правите интелектуалци. Тој пак, подразбира поставување на критички прашања за смислата и вредноста на сè, па и на тоа да се даваат интелектуално поштени одговори. Без разлика во чиј интерес се тие одговори, макар биле и спротивни на владеачите!
Историски, борбата да му се спротивставиш на владеачот е континуирана. Затоа денес треба да знаеме дека должност на граѓанинот кој има јавна позиција, е да ги брани и практикува рационалните, правичните и одговорните одлуки, дури и кога не му се допаѓаат на владеачот. Не настанале институциите за да потоа се бара кој и како ќе работи во нив, туку настанала идејата и вредноста која треба да ја споделува институцијата, формирана од луѓе кои знаеле што ќе создаваат преку неа.
Уставниот суд треба да е независна институција, која произлегува директно од Уставот и чиј основач е Република Македонија! Не фаќајте се овде на прашања дали Република Македонија или Република Северна Македонија, бидејќи веќе е докажано дека идентитетот, капацитетот, развојот и прогресот не го носи името на државата, туку моќта на поединците кои управуваат со неа. Овде не мислам само на Владата, бидејќи таа е само една од институциите во низата на нашиот политички систем, во кој имаме уште 1.298 други институции кои секојдневно одлучуваат и делуваат за/против интересите на граѓаните.
Какви се оние функционери кои не го издаваат само духот на промената и иднината, туку се издаваат и самите себе? Можат да се променат партиите на власт, политичкиот систем, уверувањата, ставовите. Сè може од темел да се промени, само тие остануваат да им служат на сите господари, во сите системи и на сите оние кои се моќни, а имаат различен поглед на светот. Анегдотата која ја раскажал Петар Петровиќ – Пеција за неговото искуство со група селани во судски двор, гласи:
- Што правите бе луѓе?
- Сведочиме!
- За кого?
- За кого и да треба!
Во вакви околности на функционирање на политичкиот систем, не постои време кое ќе го изрази почетокот на развојот на личноста, туку се изразува моќта на организациите. И “нормално”, нам тоа не ни сметаше премногу, па затоа дојдовме во ситуации во кои сме фрустрирани и незадоволни, во кои не знаеме да цениме и вреднуваме, да се смееме и почитуваме. И не што немаме меѓусебна доверба, туку немаме доверба ниту во самите себе. Предолго се обучуваме да делуваме еден против друг, а не да се обединуваме за нешто што би значело подобро заедничко дејствување.
Многу јасно видовме дека самите не можеме да одлучиме како ќе се викаме, но уште појасно гледаме дека немаме ни капацитети самите да одлучиме како ќе го организираме животот. Животниот простор е значаен за сите нас. Нашиот однос кон него зборува за свесноста за основата на нашето живеење. Како тој простор ќе го уредиме, уништиме, оплодиме, оплемениме… зависи единствено и само од нашите капацитети, кои до сега требаше да се изградат до основното ниво на осет за општествена одговорност. Урбанизмот не е градење. Урбанизмот е планско градење, а планско градење не значи планирање градби кои ќе нè згушат и кои ќе им донесат огромен профит на поединци кои себеси (ќе) се сметаат за успешни, туку организација на просторот кој треба да значи урбана животна средина.
Локалните власти кои се одважија да го стопираат градежното лудило, се многу значаен чинител на нешто што значи правилно постапување во нашиот систем. Да, тоа не е во интерес на бизнисмените, но е во интерес на бизнисмените како луѓе. Луѓе… бизнисмени… јас длабоко верувам дека сте луѓе! Морам да ве потсетам дека има поквалитетни спални, кујни, коли, чевли, бунди, станови…. за бизнисмените. Но нема поквалитетна животна средина, нема поквалитетен воздух, нема поквалитетна вода, нема поквалитетен јавен простор ни за бизнисмените, ни за граѓаните.
Свесни сме дека на многумина од нив богатството им се случи ненадејно, но за нив е подобро да сфатат дека тоа никако не значи и реално поквалитетен живот. Затоа, не смеат упорно и слепо да го трупаат своето богатење на сметка на квалитетот на животот на сите нас!
А судиите, или било кои други носители на јавна функција, пред да се нафатат неа да ја извршуваат, би требало да бидат свесни за нејзиното значење. Затоа би ве замолила да запаметите, дека моќта на личноста е единствено и само ако имате одредена општествена вредност во вас. Вредност која може да ја продуцирате во јавното, инаку, без тоа, вие сте немоќни личности за чии одлуки други одлучуваат.
Кога одлучуваш за ситни материјални интереси во прилог на одредена група, тоа значи дека си немоќен да ја извршуваш функцијата која ти е доверена! А тоа, пак, значи дека си нелегитимен!
Кога имаме немоќни луѓе поставени на моќни позиции, создаваме немоќна држава! А немоќната држава е лесен плен! Тоа го знаеме од причина што не сме “лепотици“ кои на прашањето „Што сакате во животот?“, би одговориле: „Мир во светот“!