Автобуси Јавен превоз ЈСП

Непродолжените студентски билети не важат во 2022 година, контролорите на ЈСП казнуваат

Студентите кои не ја продолжиле важноста на годишните студентски билети за бесплатно користење на јавен превоз во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје), од први јануари годинава немаат право да ги користат непродолжените билети.

Оваа го соопштија од ЈСП Скопје на упатеното прашање од „Мета.мк“ откако до нас стигнаа реакции од студенти кои добиле казни од страна на контролорите во автобусите затоа што сè уште не стигнале да ги продолжат годишните билети. Други студенти, пак, велат дека поминале само со „предупредување“ од контролорите, но без казни.

Претходно, информацијата дека непродолжените билети бесплатно ќе можат да се користат до февруари ја пренесе Инстаграм профилот „Судентарија“, откако ваков одговор добиле од страна на вработена во контакт-центарот на ЈСП Скопје.

„Оние студенти што сè уште не ги продолжиле картичките „Скопска“ во ЈСП, можат со нив бесплатно да се возат до февруари“, гласеше информацијата споделена на профилот на „Студентарија“ на 5 јануари.

Она што дополнително ги збуни студентите е тоа што минатата година ЈСП двапати го пролонгираше рокот за продолжување на бесплатните годишни студентски билети, прво до февруари, а потоа до 31 март, на барање на Универзитетското студентско собрание при УКИМ поради тогашната ситуација со ковид-19.

Годинава вакво соопштение немаше, а во известувањата на ЈСП никаде не е наведено кога е крајниот рок за продолжување на бесплатните билети.

Последното соопштение на ЈСП Скопје во кое се спомнуваат студентските билети е објавено на 23 септември минатата година кое гласи „Упатство за издавање студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз“.

Во соопштението, меѓу другото, пишува:

„На бруцошите, билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска година. Останатите студенти, за да ја продолжат важноста на билетот за 2022 година, треба да достават потврда за редовен студент не постара од еден месец и да приложат индекс со запишан зимски семестар“, без притоа да се наведе крајниот рок за продолжување на билетите.

Од ЈСП Скопје за „Мета.мк“ велат дека студентите што не ја продолжиле важноста на бесплатните „Скопска“ картички за 2022 година, истите не можат да ги користат за транспорт низ главниот град.

„Секој студент има(ше) доволно време и право на продолжување на билетот уште од пред месец – два, односно со приложување на соодветна документација (индекс со запишан зимски семестар и потврда за редовен студент, не постара од 1 месец). Не постоеше оправдана причина за пролонгирање на рокот за продолжување на билетот, што беше случај во изминатата година“, одговорија од ЈСП.

Од таму потсетуваат дека единствен валиден документ за бесплатно користење на превозот е заверен/продолжен студентски билет за 2022 година, а не индекс или потврда за редовен студент.

Право на користење на бесплатен студентски билет имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје на додипломски студии, без ограничување на возраста. Студентите можат да ја продолжат важноста на своите билети во некое од продажните места на ЈСП Скопје.

Инаку, во моментов, поради зимскиот распуст, не важат ниту средношколските билети за бесплатно користење на јавен превоз.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …