За време на топлотниот бран со рекордни температури во Западна Европа, 65 проценти од возрасните се пожалиле дека остануваат будни по три или повеќе часа навечер наместо да спијат, покажува анкета спроведена во Велика Британија. Нарушувањата во спиењето се неизбежна последица од подолгите и потопли лета предизвикани од климатските промени. Од сите континенти Европа најбрзо се затоплува, при што температурите растат повеќе од двојно побрзо во однос на глобалниот просек, па таа стана едно од најголемите жаришта за феноменот на несоница. Полошо е што ни ноќите веќе не се ладни, па така во германската сојузна покраина Саксонија, метеоролошката станица во јуни регистрираше тропска минимална ноќна температура од 29,4 степени. Според „Ворлд Ветер Атрибушн“, меѓународна научна група која го анализира влијанието на климата врз екстремните временски појави, ваквите екстремно високи ноќни температури се сто пати поверојатни поради климатските промени.
Едвај се собираат шест часа сон
Губењето на сонот предизвикан од топлината дури неодамна беше воочен како важен индикатор за влијанието на климатските промени врз телесното и менталното здравје. Меѓународен тим истражувачи собра податоци за 165 милиони ноќи од речиси 318 илјади корисници на уреди за следење на спиењето што се носат на телото или се ставаат под душеци за да го анализираат влијанието на зголемувањето на температурите врз сонот.
Во труд објавен во јули, се наведува дека кога ноќните температури се зголемуваат од околу 12 на 27 степени, луѓето имаат околу 40 проценти поголема веројатност да спијат помалку од шест часа. Луѓето не можат да ги одржат когнитивните способности, меморијата или емоционалната рамнотежа ако спијат помалку од седум часа во ноќта, предупредува Тај Фергусон од Универзитетот во Аделаида во Австралија, кој ги проучува можните здравствени и општествени последици од нарушувањата на сонот предизвикани од климатските промени. Освен што влијае на расположението и будноста, нарушениот сон може да го зголеми ризикот од дијабет, депресија, срцеви заболувања, па дури и дебелина, ги сумира Фергусон добро познатите наоди.
Ноќите веќе не носат разладување
„Сонот е темелна физиолошка потреба неопходна за функцијата на човечкиот имунолошки систем, менталното здравје и секојдневната благосостојба“, предупредува Бовен Чу од Школата за атмосферски науки на Универзитетот Нанџинг во Кина и еден од авторите на студијата објавена во март, за потенцијалните економски последици од постепеното губење на сонот кај децата поради климатските промени. За разлика од традиционалните истражувања на влијанието од климатските промени, кои често се фокусираат на екстремните временски појави, проучувањето на губењето на сон „на научниците им овозможува да ги мерат постепените, дневни и кумулативни последици од зголемувањето на температурите во животната средина врз секојдневниот живот и здравјето на луѓето ширум светот“, вели Чу.
„Несоницата нема да се најде на насловните страници“
Губењето на сонот веројатно не е доволно истражено во последиците од климатските промени бидејќи „не создава драматичен настан, нема голем број жртви за да се најде на насловните страници и не остава видлива штета“, констатира Ким ван Дален од Универзитетот во Кембриџ и ко-автор на неодамна објавениот труд „Губење на сонот во светот што се затоплува“. „Последиците незабележливо се трупаат, ноќ по ноќ, па лесно е да се превидат во извештаите што се фокусираат главно на смртни случаи и хоспитализации за време на топлотни бранови“, вели ван Дален и предупредува дека „губењето на сонот поврзано со топлината веројатно дополнително ќе ги влоши постоечките здравствени и социоекономски нееднаквости“. Децата би можеле да имаат поголеми тешкотии со концентрацијата, учењето и емоционалниот развој, додека постарите лица и лицата со хронични заболувања се изложени на поголемо оптоварување на кардиоваскуларниот систем и метаболизмот, кога спијат премалку.

На последиците по општествата предупредува и истражувач од Кина. „Хроничниот недостиг од сон предизвикан од високите температури е поврзан со пониска продуктивност на работата, пониска ефикасност во учењето, можно зголемување на сообраќајните несреќи и поголем долгорочен товар врз здравствениот систем“, вели Чу. „Лошиот сон го отежнува работењето, учењето, грижата за другите и одржувањето на здравјето“, објаснува тој додавајќи дека домаќинствата со пониски приходи се повеќе изложени на овој проблем бидејќи живеат во лошо вентилирани станови, или не можат да си дозволат климатизација.
Дали сепак да се постави клима уред?
Според Мајнор, жителите на посиромашните земји, како и граѓаните со пониски приходи во богатите земји, би можеле до три пати почесто да бидат жртви на несоница поврзана со жештината. Причината е „послаб пристап до климатизација и други средства што помагаат во заштитата од топлината“, а тој исто така наведува и екстремни случаи. „Бездомници кои се обидуваат да спијат на улица, мигранти во вжештени шатори, затвореници во прегреани затворски ќелии, бебиња во премногу топли спални соби и бремени жени и мајки кои веќе се борат со недостаток на сон“, се според него особено тешки случаи. Дури и во сценарио во кое земјите успеваат целосно да ги елиминираат емисиите на стакленички гасови, прилагодувањето на недостигот на сон предизвикан од климатските промени, ќе биде неопходност и во наредните децении бидејќи ќе биде потребно долго време за температурите повторно да се намалат.
Фергусон може само да советува да се набават вентилатори и клима уреди, да се користи полесна и попропустлива постелнина, да се прави подобра топлинска изолација на зградите, но градовите исто така итно треба да ги намалат површините што акумулираат топлина. Според Чу, меѓу клучните структурни решенија ќе биде да има повеќе зелени површини, материјали кои го одбиваат сончевото зрачење и пасивни системи за ладење во зградите кои користат сенки и овозможуваат подобро проветрување. Прилагодувањето на работното време за да се избегне работа за време на најсилните топлотни бранови исто така ќе биде важен дел од мерките за да се дојде до доволно сон во потоплиот свет, верува тој. Мајнор истакнува дека ваквите решенија ќе бидат особено важни во европските земји како Германија, каде што употребата на клима уреди е традиционално многу поретка отколку во САД или Австралија. „Околу една третина од нашите животи минуваме спиејќи и само тоа е доволно причина за да стане темата политички приоритет за земјите во Европа и поле за интензивни иновации“, смета професорот од Универзитетот во Копенхаген.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место