Пишува: Зоран Милошески

Посетата на министерот за финансии Кирил Миноски на Сојузот на пензионери на Прилеп, предизвика мноштво негативни реакции и уште повеќе го зголеми револтот кај прилепските пензионери.

Според нив, доаѓањето на министерот во придружба на партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, е „втора епизода“ од кокетирањето на власта со Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ), односно со неговиот прв човек Драги Аргировски.

„Сојузот на пензионери е граѓанско здружение и нема никакви допирни точки со ниту една политичка партија. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Драги Аргировски нѐ злоупотреби сите нас. Од тие причини од претседателот на прилепските пензионери Кирил Ѓорѓиоски ќе побараме јавно да се огради од постапката на Аргировски“, најави пензионерот Миле Тасламически.

Најголемиот дел од прилепските пензионери кои биле повикани да присуствуваат на средбата со министерот за финансии, во знак на револт против, како што велат, едноумието и партиските игри на претседателот на СЗПМ, ја напуштија салата уште пред доаѓањето на Миноски. Еден од нив беше и Блаже Зисов, кој е убеден дека воден од личните интереси, Аргировски ги злоупотребил пензионерите.

„Сојузот на пензионери е невладино здружение и секој од нас сам одлучува за која политичка партија ќе гласа. Аргировски на сите нас ни го наруши елементарното граѓанско право самите да одлучуваме која партија ќе ја поддржиме на изборите и затоа тој треба да понесе одговорност, односно да си поднесе оставка“, вели Зисов.

Кандидатот за пратеник на опозицискиот СДСМ Хари Локвенец, смета дека посетата на Миноски на Сојузот на пензионери на Прилеп е кршење на договорот од Пржино, а дека со ставањето потпис врз Меморандумот за соработка со партијата на власт, Драги Аргировски ги злоупотребил пензионерите.

„Во период на распишани парламентарни избори, посетата на министерот за финансии на Сојузот на пензионери во друштво на партиски функционери од владејачката партија, како и ветеното зголемување на пензиите, претставува директен атак врз Пржинскиот договор. Истовремено, потпишувањето на Меморандумот за соработка со ВМРО-ДПМНЕ е класична злоупотреба на функцијата од страна на претседателот на СЗПМ Драги Аргировски. Носењето таква одлука без да го консултира членството или органите и телата на Сојузот, нема никаков легитимитет и ја заслужува осудата и револтот кој пензионерите сѐ помасовно му го искажуваат“, изјави Локвенец.

За време на вчерашната посета на Сојузот на пензионери, министерот за финансии Кирил Миноски рече дека во декември ќе стартува исплатата на зголемената пензија за 5%, која ќе се однесува на ноемвриската пензија.