Нимиц: Неприфаќањето на Договорот од Преспа може да има опасни последици

Нимиц: Неприфаќањето на Договорот од Преспа може да има опасни последици

Неприфаќањето и нестапувањето во сила на Договорот од Преспа би можело да има длабоки па дури и опасни последици, оценува специјалниот пратеник на ОН во разговорите меѓу Скопје и Атина за прашањето за името, Метју Нимиц, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.

-Нов договор и „брзо решение“, ако не успее Преспанскиот, не се можни, а двете страни веројатно ќе се повлечат и од многу прашања кои веќе се договорени. Тоа може да предизвика различни сценарија од кои некои ќе имаат и сериозни последици – вели Нимиц.

Евентуалниот нов договор меѓу Скопје и Атина, според него, би траел со години, а не со месеци, бидејќи сите прашања вклучувајќи го и името за севкупна употреба – ерга омнес ќе бидат вратени на почетна позиција, а веројатно ќе има и различен политички моментум во двете земји, како и промени во регионалната и глобалната политичка сцена.

–Договор конечно беше постигнат по долгогодишни интензивни и тешки разговори и преговори, бидејќи секоја страна веруваше дека успеала да ги постигне суштинските елементи од своите национални интереси, со разбирање дека договорот ќе донесе мир, стабилност и пријателство, наместо продолжување на конфликтот – вели Нимиц.

Прашан дали во Обединетите нации јазикот ќе биде признат „македонски“, Нимиц посочува дека во официјалната листа на земји вклучувајќи ги и јазиците која е подготвена од Групата експерти на ОН за географски имиња (UNGEGN), земјата е напишана „поранешна југословенска Република Македонија“ со референца „македонски“ (mk: Macedonian).

Метју Нимиц додава дека и на неформална основа ако некој пристапи на „Гугл транслејт“ кој е широко распорстранета он-лајн алатка, македонскиот е еден од јазиците на кои може да се пребарува и преведува.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Камери Безбеден град

„Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари идната година

Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари …