Ништо лично, ништо нереално

Ништо лично, ништо нереално

Пишува: Жарко Стеваноски

Кривичните пријави кои беа поднесени за време на владеењето на прилепската “фамилија”, доволно јасно ја разголија структурната поврзаност на локална власт, МВР, Јавното обвинителство и поединци од опозицијата.

Тоа беа оние школски примери за чисти, докажани и неспорни ситни криминали на локалната власт, кои имаа за цел да ја откријат причината за пасивност на едните и релациите кои “градските татковци“ ги имаа воспоставено со МВР, ЈО и судството на подрачјето на Прилеп и Битола, а кои ги правеа да бидат моќна структура, недопирлива за законот и правдата.

Сега кога “фамилијата” полека ги напушта структурите на власта, остатокот од доказите за криминалите од 10 годишното владеење на ДПМНЕ во Прилеп, согласно законот, ќе бидат процесуирани преку соодветна постапка пред реформираното МВР. Материјалите за повеќе од 30 кривични пријави ќе бидат ставени на располагање на ревносните професионалци во МВР, кои како овластени подносители ќе ги процесуираат пред веќе разоткриените и девалвирани јавни обвинители. Тие пак од друга страна ќе ги чекаат поканите за давање отчет пред Советот на јавни обвинители, пред да се случи нивното разрешување.

Вистината за нас, за случувањата во Прилеп, нема да остане сокриена. Се срамеле ние или не, сме се познавале или не, сме се замериле или не, ќе мора да се соочиме со неа и конечно да започнеме со воспоставувањето нови критериуми во практикувањето на власт, опозиција, професионализам во работата и во политиката. Идната опозиција ќе треба во чекор да ја следи новата власт. И обратно.

Да се изградат начела на конструктивност во заедничкото делување за општите цели на локалната самоуправа. Дебатата за суштинските прашања, критичкиот осврт кон работењето и признавањето на грешките да бидат под “дифолт“. Популизмот да стане мислена именка, граѓаните да заборават кој е градоначалник, советник, инспектор, судија, јавен обвинител. Наместо на политичарите и на титуларите, луѓето да си го посветат времето себеси и на своите блиски.

Да бидеме реални: само така ќе може да продолжиме напред без да се враќаме чекори назад кон деструктивноста и сопствениот немир. Тоа што Вие го гледавте како непроодни планини, јас го гледав како камчиња кои ќе Ви се удрат од главата. И ова нашето во Прилеп не е ништо поразлично од вистината дека “каменот секогаш од близу доаѓа”.

 

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …