Ниту Црвените листи не ги спасуваат дивите животни од отрови и криволов

Ниту Црвените листи не ги спасуваат дивите животни од отрови и криволов

Труења, ловење, заробување или убивање се речиси секојдневните закани со кои се соочуваат дивите животни во земјава. Под закана се и животни кои се наоѓаат на Црвените листи на загрозени видови, бидејќи и покрај високите казни за вакви дела, кои се движат и до десет години затвор, засега никој не е казнет. Досега, согласно со методологија на IUCN се изготвени Национални црвени листи за приоритетни габи, крупни ѕверови, како и црвени листи за сите видови водоземци и влечеуги, а направени се и проценки на 14 видови васкуларни растенија, кои имаат меѓународно и национално значење. Планирано е и ревидирање на Листите на строго заштитени и заштитени диви видови, но кога ќе се донесе новиот закон за природа.

На овие листи се наоѓаат многу загрозени животни како кафеавата мечка, рисот, волкот, видрите, чакалите… Пред истребување се и белоглавиот и египетскиот мршојадец, но сепак, тоа не значи дека во праксата се обезбедува некаква заштита на нивниот опстанок. Повеќето закони што ги штитат биодиверзитетот и природата предвидуваат само прекршочни санкции, додека казните за кривични дела против животната средина ги предвидува Кривичниот законик. Тие се високи, но за жал, речиси никогаш не се изрекуваат.

Последниот случај со спасувањето на 18 белоглави мршојадци во Мариовско, во опасност да се отрујат од угинати кучиња уште еднаш го сврте вниманието кон несоодветната грижа за дивиот свет. За случајот алармираа од Македонското еколошко друштво, и иако во спасувањето учествуваше и Министерството за внатрешни работи и општата Прилеп, а случајот се најде и во медиумите, сепак за инцидентот во Државниот инспекторат за животна средина не знаат.

„За овој случај ДИЖС нема добиено никаква информација“, велат за „Мета“ од Инспекторатот. Информираат дека во нивната евиденција постојат предмети кои се однесуваат на различни опасности со кои се соочува дивиот свет кои ги воделе државните инспектори. За дел од нив има и поднесени кривични пријави, но сите се против непознат сторител. За нив може да се пропишат казни и до десет години, ако, на пример, се предизвика опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот или растителниот свет во поголеми размери. Конкретно, за расфрлање отрови кои го доведуваат во опасност животот или здравјето на луѓето, и на животинскиот или растителниот свет, казните во Кривичниот законик се од една до пет години. Висока е и казната, до три години затвор, за за криволов на редок или проретчен дивеч.

Од Министерството за животна средина велат дека постои Национален Акциски план за борба против отрови кој е изготвен од Националната работна група за борба против отрови во рамките на Балканскиот проект за борба против отрови со цел намалување на смртноста на мршојадците и грабливите птици предизвикана од отровни мамки и оловна муниција.

„Целта е овој Акциски план да послужи како национална стратегија која ќе помогне во борбата да се намали и спречи труењето на дивите животни земјата. Националниот Акциски план за борба против отрови продолжува да се развива и во рамките на новиот проект BalkanDetox Life до 2025 година со ангажман на Македонско еколошко друштво“, велат од Министерството.

Неодамна, „Платформа 27“, неформална мрежа на граѓански организации кои работат во областа на животната средина и климатските промени, го објави првиот извештај во сенка за Поглавјето 27 за животна средина и климатски промени. Во Поглавјето прашањето за областа природа е едно од најкомплексните области, а препораки за делување има речиси на сите полиња. Треба да се интензивираат теренските истражувања и прибирањето на податоци за видовите и живеалиштата од европско значење. Мора да се доизработат Црвени листи на загрозени видови и за останатите таксономски групи, како и да се ревидираат Листите на строго заштитени и заштитени диви видови. Извештајот бара продолжување со идентификација на потенцијални Натура 2000 подрачја и проширување на мрежата на заштитените подрачја, планирање и спроведување долгогодишна и континуирана кампања за Натура 2000 мрежата и донесување планови за управување за сите заштитени подрачја, кои би го зеле предвид и видовите и живеалиштата од европско значење. Неопходно е, сметаат граѓанските организации државата да обезбеди и финансирање за функционирањето на заштитените подрачја и за заштитата на биодиверзитетот.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Наспроти протестите, Израел е во финалето на Евровизија

Наспроти протестите, Израел е во финалето на Евровизија

Израел се пласираше во финалето на Изборот за песна на Евровизија додека илјадници луѓе во …