Опфатот на скринингот на рак на дојка и на грло на матка е далеку под европските препораки, односно кај ракот на дојка, опфатот се движи од само 0,8 до 5,4 проценти, а кај ракот на грло на матка изнесува меѓу 10,3 и 15,5 проценти. Овие бројки не овозможуваат значаен ефект во раното откривање на болеста, утврдиле државните ревизори.
Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во спроведувањето на програмите за рана детекција на малигни заболувања, покажува најновата ревизија на успешност на тема „Програми за рана детекција на малигни заболувања“.
Ревизијата, која ги опфаќа периодот од 2021 до 2024 година, имала за цел да утврди дали скрининг програмите обезбедуваат доволна покриеност на целната популација, навремена дијагностика и рано откривање на ракот на дојка и на грлото на матката.
Во анализираниот период од 2022 до 2024 година, матичните гинеколози земале вкупно 130.093 примероци за ПАП тестови, кои се користат за скрининг на рак на грлото на матката кај жени на возраст од 21 до 59 години, во рамки на тригодишен циклус. Сепак, и покрај оваа бројка, покриеноста останува ниска.
Дополнителен проблем претставуваат доцнењата во издавањето на резултатите. Кај мамографскиот скрининг, резултатите во просек се добиваат по околу 25 дена, а кај дел од пациентките чекањето надминува и 60 дена. Слични доцнења се забележани и кај анализата на ПАП тестовите.
Податоците од здравствените институции укажуваат на уште позагрижувачки тренд според кој, дури 80 проценти од пациентките започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста. Ова, според ревизијата, покажува дека најголемиот дел од случаите не се откриваат навреме, што е основната цел на организираниот скрининг.
„Податоците од здравствените институции покажуваат дека 80% од пациентките со рак започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста, што упатува дека најголемиот дел од случаите не се откриваат во рана фаза како очекуван резултат од организиран скрининг. Истовремено, не е обезбедена комплетност и усогласеност на податоците на официјалните институции за бројот на случаи и смртни исходи. Податоците од Регистарот за рак покажуваат дека бројот на случаи откриени преку скрининг е
релативно низок, особено кај рак на дојка што укажува на ограничен ефект на програмите“, се наведува во извештајот на ревизорите.
Тие констатирале и недоследности во официјалните податоци за бројот на заболени и смртни случаи. Регистарот за рак покажува дека бројот на случаи откриени преку скрининг е релативно низок, посебно кај ракот на дојка, што дополнително го доведува во прашање ефектот на постојните програми.
Заклучокот од ревизијата е јасен – без значително зголемување на опфатот, подобрување на навременоста и унапредување на системот за следење на податоци, не може да се очекува суштинско намалување на смртноста од овие заболувања.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место