„Њујорк Тајмс“ за Александар Вучиќ и Беливук: Сива зона меѓу државата и мафијата

„Њујорк Тајмс“ за Александар Вучиќ и Беливук: Сива зона меѓу државата и мафијата

Њујорк Тајмс наведува дека со текот на времето стилот на владеење на Вучиќ станувало сè поавтократско, а тој станувал сè поотворен во врските со автократските лидери во Русија, Унгарија и во Кина. Притоа, европските лидери продолжиле да бидат срдечни кон Вучиќ

Угледниот американски весник „Њујорк Тајмс“ во средата објави опсежен текст, во кој се фокусира на српскиот претседател Александар Вучиќ. Сторијата го прикажува политичкиот развој на Вучиќ, од навивачките почетоци, преку преземањето на власта во Србија до можните врски со криминалната група на Вељко Беливук, заедно со изнесувањето на детали за злосторствата за кои се обвинети членовите на групата на Беливук.

„Една сабота вечер на почетокот на март 2021 година, српскиот претседател Александар Вучиќ се појави во живо на телевизија, седејќи на долга дрвена маса, заедно со премиерката и министерот за внатрешни работи. Вучиќ рече дека има важно соопштение за апсењето на криминална банда одговорна за повеќекратни убиства. Министерот за внатрешни работи ги предупреди гледачите да ги тргнат своите деца од пред телевизорот. Екранот зад него блесна низ фотографии: отсечена глава, тело без глава, торзо. Вучиќ говореше полека, често паузирајќи и замислено гледајќи во масата пред себе, со неговото благо подгрбавено тело во висина од 2 метри. Ги пофали полицијата и истражителите која ја воделе истрага, велејќи дека и самите ризикувале да бидат убиени“, ја започнува Њујорк Тајмс опсежната сторија за Александар Вучиќ.

Авторот на текстот Роберт Ворт за своето истражување ја има посетено и Србија, а на повеќе места во сторијата објаснува дека не добил одговори од портпаролите на Александар Вучиќ на барањата за коментар.

Новинарот на Њујорк Тајмс наведува дека „нема сомнеж дека Беливук и неговата банда се во затвор, затоа што Европол ја открил шифрата“ во апликацијата Скај, која криминалците ја користеле за меѓусебно комуницирање.

„Она што останува нејасно е што знаеле српските власти и што планирале да направат во однос на тоа“, пишува авторот.

Новинарот Ворт го опишува Беливук како добро позната личност во Белград, за која постојат „гласини дека има добри односи со српската полиција и разузнавачките служби. Тој и неговите луѓе се фотографирани заедно со моќни луѓе, вклучувајќи го и синот на претседателот Данило Вучиќ“.

Според текстот на Њујорк Тајмс, врските на Беливук и неговите соработници со полицијата се добро документирани:

„Како што се приближувало судењето, почнале да протекуваат факти за долгогодишните врски меѓу бандите и разни членови на администрацијата на Вучиќ, кои се чини дека го надзирале, помагале и штителе“.

Авторот на текстот наведува дека сето тоа не е можност да се случи без знаење на Вучиќ, давајќи поширок контекст:

„Вучиќ пред да биде претседател беше премиер, а пред десетина години ги реорганизираше безбедносните служби на Србија. Сега има речиси целосна контрола над речиси сите аспекти на јавниот живот“.

Текстот на Њујорк Тајмс потсетува и на навивачката кариера на Александар Вучиќ, а еден од соговорниците чиј идентитен е заштитен и кој го познава Вучиќ од времето кога двајцата биле дел од навивачкиот свет, ги објаснува врските меѓу власта и навивачите во 90-тите години на минатиот век, наведувајќи го пример на Жељко Ражнатовиќ Аркан, како и поддршка и понатамошно противење на навивачите кон Слободан Милошевиќ.

„Не е случајно што и Вучиќ и Беливук почнаа во фудбалските навивачки групи. Можеби повеќе од било кое друго место, фудбалските стадиони во Србија се места за покажување моќ во неговиот најсуров облик, регрутна база за паравојска и криминалци. Стадионите беа легло на етничкиот национализам кој ја уништи Југославија, а тие насилни емоции го обликувале Вучиќ и неговите современици“, се наведува во текстот.

Во текстот се говори и за улогата на Вучиќ во сузбивањето на слободата на медиуми кога станал министер за информирање за време на режимот на Слободан Милошевиќ во 1990-тите години.

„Беше тоа почетокот на преокупацијата на медиумите, која ќе помогне во обликувањето на политичката кариера на Вучиќ“, пишува авторот на текстот.

Инаку, значаен дел од опсежната сторија на Њујорк Тајмс е посветена на доаѓањето на власт на Александар Вучиќ и зајакнувањето на Српската напредна партија.

Авторот наведува дека новоформираната група на навивачите на Партизан во која бил Беливук – „јаничари“, имала контакти со полицијата и помагала на новата власт, од спречувањето на насилства на Парадите на гордоста во Белград, преку обезбедувањето на претседателската инаугурација на Александар Вучиќ до рушењето на објекти во населбата Савамала.

Њујорк Тајмс наведува дека со текот на времето стилот на владеење на Вучиќ постанувал сè поавтократски, како и дека постанувал сè поотворен во врските со автократските лидери во Русија, Унгарија и Кина. Притоа, европските лидери продолжиле да бидат срдечни кон Вучиќ, не покажувајќи знаци дека постои опасност за членството на Србија во Европската Унија.

„Причината за тоа не е тајна: статусот на Косово и понатаму не е решен“, пишува Ворт.

Европјаните се надеваа дека со Вучиќ ќе следи решавање на односите со Косово.

„Тој е многу моќен, некој кој може да исполни работи ако тоа го сака“, ми рече еден германски дипломат“, пишува авторот на текстот.

Тој понатаму наведува дека пораките кои српскиот претседател ги испраќа на Европејците се поинакви од оние на неговите соработници, како што е Александар Вулин, и оние кои испраќаат српски националисти во други земји од регионот – БиХ, Косово и Црна Гора – додавајќи дека сето тоа би можело повторно да доведе до немири на Балканот.

„Европејците за тоа се многу свесни, исто како и Владимир Путин, кој има нови причини да ги разделува и да им го одвлекува вниманието. Кремљ има долга историја на поддршка на српските националисти (…) и повеќе мотиви од било кога претходно – заблагодарувајќи се на војната во Украина – за иницирање неволји на Балканот“, се наведува во текстот на Њујорк Тајмс.

Интегралната верзија на текстот на Њујорк Тајмс на англиски јазик може да се прочита ОВДЕ.

Преведената верзија на текстот на Њујорк Тајмс на српски јазик може да се прочита ОВДЕ.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …