Ноќен живот среде пандемија: „За забава има време, сега да се грижиме за нашето здравје“

Ноќен живот среде пандемија: „За забава има време, сега да се грижиме за нашето здравје“

Четири месеци по појавата на корона вирусот во Северна Македонија, животот на младите лица изгледа забележително поинаков. Затворените граници и препораките од надлежните за социјална дистанца доведоа до ограничени опции за патување, излегување и дружење. Пандемијата најмногу го погоди ноќниот живот на младите. Кафе-баровите, рестораните и кафеаните работат со ограничени капацитети, но за ноќните клубови сѐ уште нема препорака од Комисијата за заразни болести дека можат да почнат со работа.

Најголем дел, односно 30 отсто од младите, велат дека социјалниот живот им е умерено променет од почетокот на пандемијата, покажа анкетата која ја спроведе „Мета.мк“ на почетокот на месецов. Според истата, корона вирусот целосно го променил дружењето со пријателите за 26,6 отсто од испитаниците, додека пак, 8,2 отсто одговориле дека по појавата на ковид-19, социјалниот живот не им е воопшто променет.

Сепак, речиси сите млади се согласуваат дека им недостасува ноќен живот.

Но, олабавувањето на мерките се чини доведе и до олабавување на претпазливоста од страна на граѓаните. Така, на моменти се добиваше впечаток дека сѐ функионира нормално и дека пандемија на вирус воопшто и нема, затоа што на социјалните мрежи можеше да се забележи како млади од различни градови неколку денови по ред постираат слики и видеа од забавите на кои присуствуваат.

Иако коњопоите сѐ уште се забранети во локалите, на дел од видеата и фотографиите може да се види како истите се поставени за користење, без притоа да се почитуваат препораките за задолжителна дистанца помеѓу посетителите. Поради овие прекршоци, Државниот пазарен инспекторат ги затвори дискотеката „Аватар“ во Струмица, како и градскиот базен во Виница. Сите други локали каде што мерките не беа почитувани во истиот период, поминаа со помали казни или опомени.

Ноќен живот среде пандемија: „За забава има време, сега да се грижиме за нашето здравје“

Ова покажува колку младите во државата се нетрпеливи за враќање на ноќниот живот каков што го знаеја пред појавата на пандемијата.

Но, не сите се препуштаат на искушението да се забавуваат. За Росана Јованова од Штип, здравјето на семејството е поважно од ноќните излегувања. Таа за „Мета.мк“ вели дека речиси секој сегмент од животот ѝ е променет поради корона вирусот и дека постојат многу посериозни нешта кои имаат приоритет во однос на вечерните забави.

Ноќен живот среде пандемија: „За забава има време, сега да се грижиме за нашето здравје“
Росана Јованова / фото: лична архива

„Лично избегнувам кафулиња и кафеани и сметам дека сите треба да бидат свесни за сериозноста на ситуацијата и треба да се прилагодат на истата. Факт е дека новонастанатата ситуација нѐ збуни и тотално ни го промени начинот на живот. Секако дека ми недостасуваат забавите и излегувањата, како и на секој млад човек, но самата помисла дека може да недостасува член од семејството ме прави воздржана од сите тие работи. Сметам дека сите ние треба да имаме трпение и треба разумно да постапуваме во ваков момент“, вели Јованова.

Таа додава дека наместо да се ризикува во преполни дискотеки,  постојат безбедни начини како да се надомести за пропуштените прилики за забава.
„Постојат различни начини за дружба, далеку од локалите. Јас на пример, со пријателите перидов надоместувам за пропуштеното време така што се дружиме во природа. Планинарење, кампување за време на викенд, постојат толку многу опции за различни активности и на различни локации, а притоа да бидеме заедно со друштвото. Истовремено се запознаваме и со убавините на нашиот крај, посетувајќи места каде што претходно не сме биле или воопшто не сме знаеле дека постојат“ вели Јованова.

Ѓорѓи Митевски е од Демир Хисар и вели дека и без ноќен живот и излегувања, младите можат да уживаат и да се забавуваат. Тој најчесто времето го поминува во кругот на семејството и најблиските пријатели.

„Секако имам посетено неколку места, барови и ресторани, но најчесто сум дома. Тука организираме и кафе-дружби и мирни забави. Според мене ваквите дружења се дури и подобри за младите затоа што на овој начин имаме повеќе време за себе и за блиските пријатели, па и вака можеме да создаваме убави спомени заедно. Ноќниот живот секако недостасува, ама од нас зависи дали тоа ќе го сфатиме ‘трагично’“, вели Митевски.

Дека постојат посигурни начини на дружење со пријателите се согласува и Анита Андонова. Таа вели дека животот во Гевгелија почнува да се враќа во нормала, како пандемијата да поминала, а причината за тоа ја гледа во неинформираноста.

Ноќен живот среде пандемија: „За забава има време, сега да се грижиме за нашето здравје“
Анита Андонова / фото: лична архива

„Според мене недостасува свест кај младите, и воопшто кај граѓаните, за ризикот од излегувањата. Мислам дека во овие моменти треба да мислиме и на здравствените работници, психолозите, фармаколозите и сите оние кои постојано работат за едно функционално општество, т.е. за сите нас. На сите ни недостасуваат ноќните излегувања, но сметам дека безбедноста и здравјето треба да ни бидат на прво место. За забава има време, сега треба да се грижиме за нашето здравје“, вели Андонова.

Сите соговорници се согласуваат дека дури и во време на пандемија може да функционира еден подобро организиран ноќен живот, но за тоа се потребни внимателно пропишани протоколи и уште поважно, високо ниво на свесност и кај граѓаните и кај угостителите.

„Може да им се понуди задоволство на младите и во една ваква ситуација, но сето тоа треба да биде многу добро и внимателно организирано. Сето тоа би можело да биде на отворен простор, секако со одржување на дистанца и по можност носење на маски. Сепак лично сметам дека и во случај да се одобри отворање на клубовите, какви ограничувања и да има, истите нема да бидат почитувани од страна на младите и граѓаните. Поради оваа причина јас сигурно нема да бидам присутна на забавите“, додава Андонова.

Последен пат забави и излегувања беа дозволени во март, пред да биде прогласена вонредна состојба во државата, а потоа и долги полициски часови за сите граѓани. Оттогаш младите живеат едно поинакво секојдневие.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Националниот џез оркестар свири песни од Битлси

Утре Националниот џез оркестар ќе свири песни од Битлси на отворено

Концертот ќе се одржи на новоотворената летна сцена „Славиша Кајевски“ на Македонскиот народен театар Утре …