Нон-пејпер: побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ

Нон-пејпер: побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ

Германија и Франција предлагаат нов, поедноставен, пристап во проширувањето на ЕУ за земјите од Западниот Балкан. Во заеднички документ насловен „Нов моментум за проширувањето“ во пресрет на СамитотЕУ–Западен Балкан, кој денеска (05.06.2026) започнува во Тиват, Црна Гора, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон предлагаат да се „внесе нова динамика“ во пристапниот процес преку намалување на „претерано формализираните пречки“ за меѓуфазните чекори, отворање на „сите релевантни преговарачки кластери“ предложени од Комисијата и воведување „елементи“ за постепената интеграција да стане „поструктурирана“.

Документот претставува разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го упати до челниците на институциите на ЕУ. За разлика од писмото на Мерц, од кое две третини беа посветени на Украина, нон-пејперот е целосно фокусиран на Западен Балкан и Молдавија.

Паралелно со предлогот на Германија и Франција, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во интервју за „Јуроњуз“ предложи поедноставувањето на процесот на преговори за земјите-кандидати.
„Во моментов треба да се гласа повеќе од 40 пати во текот на целиот (пристапен, н.з.) процес“, рече Коста додавајќи дека ЕУ бара начини како да го скрати тој процес.
На овој начин, вели Кошта, можат да се надминат и проблемите кои произлегуваат од билатералните спорови меѓу земји-членки и кандидати, додавајќи дека „билатералните прашања“ што можат да ја закочат кандидатурата на една земја треба да се „решаваат“ меѓу засегнатите држави, со поддршка од институциите, но без тоа да им наштети.

Нов пристап кон проширувањето на ЕУ

Во документот на Германија и Франција се нагласува дека политиката на проширување треба да добие нов поттик, со цел Европската Унија да се заокружи како вистинска европска унија.

„За да ја претвориме оваа амбиција во реалност и да внесеме нова динамика, мора да обезбедиме дополнителни поттикнувања како дел од процес на постепена интеграција заснована на заслуги. Истовремено, потребно е поедноставување на сегашниот процес за да стане поефикасен и да овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми“, се наведува во нон-пејперот.

Според текстот, за кој се очекува да се дискутира денеска на состанокот во Тиват, се предлага нов пристап што ќе ги намали прекумерно формализираните процедури и ќе ја поедностави сегашната методологија — на пример, преку спојување на одредени чекори во процесот.

Дополнително, во нон-пејперот се наведува дека, „со целосна согласност на земјите членки, треба да се забрза отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи Европската комисија“.

Христијан Мицкоски и Антонио Кошта во Скопје, 02.06.2026.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јавно го поддржа поедноставувањето на правилата за прием на нови членки нагласувајќи дека ЕУ треба да го „забрза“ проширувањето

Постепена интеграција на Западен Балкан

Документот промовира модел на постепена интеграција преку т.н. „градивни елементи“ (building blocks), кои ќе им овозможат на земјите кандидати конкретни придобивки уште пред полноправното членство.

Овие елементи ќе се темелат на реалниот напредок во пристапните преговори и ќе бидат реверзибилни во случај на назадување во реформите или отстапување од основните вредности на ЕУ.

„Иако секоја земја кандидат има свои специфики, новиот пристап ќе понуди опиплив напредок за сите. Целта за полноправно членство останува непроменета. Намерата не е да се замени членството, туку да се забрза патот до него“, се наведува во документот.

Кошта: Не ни треба едногласност за секој кластер

Во нон-пејперот се бара од Европската комисија да предложи конкретни мерки за олеснување на постепената интеграција, вклучително и:

  • привилегиран пристап до единствениот пазар
  • поблиска вклученост во институциите на ЕУ
  • можност за статус на набљудувач во процесите на одлучување

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јавно го поддржа поедноставувањето на правилата за прием на нови членки, нагласувајќи дека ЕУ треба да го „забрза“ проширувањето, за да им покаже на партнерите од Западен Балкан дека е „сериозна“ во врска со претворањето на нивните амбиции за ЕУ ​​во реалност.

„Јас лично верувам дека не ни треба едногласност за отворање поглавја и кластери, туку само за нивно затворање“, изјави Кошта.

Тој се осврна на 33-те поглавја од пристапниот процес, организирани во шест тематски кластери, кои кандидатите мора да ги завршат пред членството во Европската Унија.

Извор: DW