Нов план на ЕУ за земјите-кандидатки

Нов план на ЕУ за земјите-кандидатки

Европската Унија ќе ја отвори својата економија за земјите што чекаат членство, под услов тие да се усогласат со надворешнополитичките и стратешките цели на блокот. Ова се наведува во нацрт-предлог на Европската комисија, којшто го објави порталот Политико.

Економските придобивки би можеле да бидат условени и да се повлечат доколку земјите што не се членки се спротивстават на демократските принципи или споделуваат чувствителни технологии со држави што ЕУ ги смета за стратешки ривали.

На земјите-кандидатки ќе им биде понудена „постепена интеграција“ во единствениот пазар, вклучително и полесна трговија и пристап до истражувачки програми додека трае процесот на пристапување.

„Единствениот пазар е прв приоритет за економска конвергенција“, се наведува во документот.

Во него се додава дека пораното интегрирање би отворило нови можности за европските компании, би ги зајакнало вредносните синџири и би ги намалило стратешките зависности. Комисијата, според документот, ќе оценува каде усогласеноста со регулативата и административниот капацитет овозможуваат подлабоко учество во истражувањето, иновациите и индустриската соработка.

Нацртот изработен под надзор на советникот на Урсула фон дер Лајен, Александар Адам, предвидува промени во пристапот на ЕУкон земјите-кандидатки. Во моментов најголем дел од економските придобивки од поблиската соработка се резервирани за земјите-членки, а последната држава што се приклучи на Унијата беше Хрватска во 2013 година.

Северна Македонија меѓу земјите што нема да добијат патоказ?

Според Политико, Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора би добиле посебни „патокази“ за забрзување на пристапниот процес во наредните години.

За Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, се наведува дека процесот продолжува да се одолговлекува, што ги зголемува стравувањата од нивно оддалечување од ЕУ и приближување кон Русија или Кина.

Планот предвидува, пристапот до единствениот пазар да зависи и од усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, како и од соработката во областите поврзани со контролата на извозот, санкциите, инвестициите и заштитата на чувствителните технологии. Меѓу секторите кои се разгледуваат за подлабока интеграција се квантните технологии, биотехнологијата, вештачката интелигенција и вселенската индустрија.

Според предлогот, постепената интеграција треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите уште пред полноправното членство. Во документот се нагласува дека крајната цел останува полноправното членство, но дека процесот бара време и спроведување на долгорочни реформи. Воедно се наведува дека придобивките од постепената интеграција можат да бидат суспендирани или повлечени доколку преземените обврски не се исполнат.

Христијан Мицкоски и Урсула фон дер Лајен 15 октомври 2025
Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на средбата со Урсула фон дер Лајен рече: „Подготвени сме да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение“

Мицкоски: Подготвени сме да разговараме и да најдеме решение

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен неделава ќе престојува во Западен Балкан, при што ќе ги посети и Косово и Северна Македонија.

ПремиеротХристијан Мицкоски,во пресрет на средбата со неа, изјави дека ставовите на Владата за евроинтеграцискиот процес се добро познати. „Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение“, рече Мицкоски.

Тој деновиве рече дека со фон дер Лајен ќе разговара за актуелната состојба во процесот на проширување и предизвиците со кои се соочува државата. Во однос на можноста ЕУ да се вклучи во евентуални разговори со Бугарија, Мицкоски изјави дека е добро во разговорите да учествуваат претставници на Европската комисија и ЕУ за, како што рече, аргументите да бидат слушнати објективно.

Осврнувајќи се на информациите на Политико дека Северна Македонија нема да добие посебен патоказ во оваа фаза, премиерот изјави дека најпрво треба да се провери дали тие информации се точни. „Ќе треба да ја прашаме ЕУ дали е тоа точно и ако е точно, зошто е тоа така, имајќи предвид дека ние испорачуваме најголем дел од реформите3 кои се дел од реформската агенда и Планот за раст“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека, доколку кандидатите се оценуваат според заслуги, ваквиот пристап би бил нелогичен, но нагласи дека неговите информации засега не потврдуваат дека одлуката е конечна.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Пензиските реформи отворија дилема: ќе работиме ли подолго?

Пензиските реформи отворија дилема: ќе работиме ли подолго?

Пензискиот систем повторно ја отвори дебатата за неговата долгорочна одржливост откако Фискалниот советпредупреди на растечкиот …