СТАРТ е кратенка за „Договор за намалување на стратешкото оружје“ и се однесува на нуклеарно оружје со долг дострел во сопственост на САД и Русија. Новиот СТАРТ договор од 2010 година го ограничува бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави (односно, поставени на носачи со долг дострел) на 1.550 за секоја страна поединечно. Бројот на носачи како интерконтинентални балистички ракети, ракети на подморници и бомбардери, е ограничен на максимум 800.

За верификација, на секоја страна ѝ е дозволено да спроведува инспекции во другата земја. Договорот беше потпишан од тогашните претседатели Барак Обама и Димитри Медведев и е последниот преостанат договор за контрола на нуклеарното наоружување меѓу САД и Русија. Првиот таков договор беше САЛT I од 1972 година.
Што може да се очекува кога ќе истече Нов СТАРТ?
Тогаш веќе не постојат горни граници за стратешките нуклеарни арсенали на двете најголеми нуклеарни сили. „Тоа е многу лошо за глобалната безбедност“, оцени неделава портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Светот би можел да се соочи со нова, неконтролирана трка во нуклеарно наоружување. Тоа исто така означува почеток на нова ера на неизвесност. Нов СТАРТ обезбедуваше и меѓусебни инспекции и споделување податоци, односно доверба и транспарентност. Тој имаше за цел да спречи едната страна „случајно“ да ризикува нуклеарен напад, само затоа што погрешно ги протолкувала информациите за противникот.
Што сакаат САД и Русија?
Рускиот претседател Владимир Путин сака едногодишно продолжување на договорот и во тоа време да има нови преговори. Американскиот претседател Доналд Трамп првично иницијативата на Путин од септември 2025 година ја оцени како „добра идеја“, но не следуваа дела.

Во тоа време двајцата особено добро се согласуваа – на сметка на Украина, како што стравуваа европските лидери. Но, се чини дека Трамп потоа се премисли. Во интервју за „Њујорк тајмс“ за договорот рече дека „штом истече, истечен е. Ќе склучиме подобар договор“. Тој алудира на тоа дека треба да биде вклучена и атомската сила Кина.
Која е приказната зад Нов СТАРТ?
Како што сугерира префиксот „нов“, на тој договор му претходеа други. Имаше СТАРТ I и СТАРТ II. СТАРТ I беше инициран од американскиот претседател Роналд Реган уште за време на Студената војна и потпишан од страна на наследникот на Реган, Џорџ Буш, во 1991 година, пет месеци пред распадот на Советскиот Сојуз, а од советска страна од Михаил Горбачов. Договорот стапи во сила кон крајот на 1994 година. За разлика од СТАРТ I, договорот СТАРТ II од 1993 година, никогаш не стапи на сила бидејќи тензиите меѓу Москва и Вашингтон повторно ескалираа по период на зближување.

Сепак, интересот за стратешко нуклеарно разоружување остана во двете престолнини, па така дојде до договорот Нов СТАРТ, кој стапи на сила во 2011 година. Тој требаше да означи „нов почеток“ на билатералните односи.
Што се промени со Доналд Трамп?
За време на неговиот прв мандат (2017 до 2021 година), САД се повлекоа од неколку договори за разоружување со Русија, но не и од Нов СТАРТ. Трамп уште тогаш во преговорите за продолжување на договорот сакаше да ја вклучи и Кина, но тоа беше безуспешно. Кога Нов СТАРТ истече во февруари 2021 година, на власт веќе беше Џо Бајден од Демократите. Тој се залагаше за петгодишно продолжување. Русија, под водство на Путин, исто така го поддржа ова. Договорот беше продолжен до февруари 2026 година.
Каква врска има СТАРТ со војната во Украина?
Руската инвазија во Украина во февруари 2022 година првично не доведе до никакви измени на Нов СТАРТ, иако тензиите меѓу Москва и Вашингтон значително се зголемија. Околу шест месеци по почетокот на војната, Русија им забрани на американските инспекциски служби посета на воените бази. Во февруари 2023 година, таа го суспендираше своето учество во договорот поради поддршката на САД за Украина, но и натаму сo придржување до утврдените ограничувања од договорот. Од денешна гледна точка е значајно што во 1991 година Украина во дополнителен протокол кон СТАРТ I се согласи да се откаже од сето нуклеарно оружје од советско време. Украинското раководство се покаја за ова најдоцна по почетокот на војната против Русија, по повеќе од 30 години.
Каква е улогата на Кина?
Договорите СТАРТ беа склучени кога Русија и САД сè уште беа неоспорни нуклеарни сили. Но од тогаш до денес Кина се издигна не само во економска, туку и воена суперсила. Доналд Трамп аргументира дека нова верзија на Нов СТАРТ е бесмислена без учество на Кина.

Се проценува дека Пекинг поседува околу 600 нуклеарни боеви глави и брзо го проширува својот арсенал. Конгресна комисија во САД уште во 2023 година предупреди дека САД се соочуваат со предизвикот, да се одврати не само еден, туку истовремено два нуклеарни противници кои се на исто рамниште како и САД. Пекинг пак отфрла ограничување на своето нуклеарно оружје, со аргументот дека арсеналот на Кина е значително помал од оној на другите две нуклеарни велесили.
Што би било спас за Нов СТАРТ?
На страна блокадата од Пекинг, продолжување или нова верзија на договорот би било тешко и од други причини. Русија во меѓувреме разви системи кои може да користат и нуклеарно оружје, а не спаѓаат во досегашните дефиниции на Нов СТАРТ. Пример за тоа се хиперсоничната ракета Орешник и торпедото Посејдон. Москва пак, во плановите на Трамп за вселенскиот систем за антиракетна одбрана „Златна купола“ гледа обид за поместување на стратешката рамнотежа. Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Русија ќе биде принудена на воена контрамерка за обезбедување баланс, доколку САД инсталираат систем за антиракетна одбрана во Гренланд.
Какви се реакциите во Европа?
Истекувањето на Нов СТАРТ предизвикува загриженост и кај Европeјците, уште поголема и заради бројните изјави на Доналд Трамп, дека американскиот нуклеарен чадор веќе не се однесува неограничено и на Европа. Тоа потхрани дебати за европска нуклеарна одбрана.

Едниот пристап на темата е дека двете европски нуклеарни сили, Франција и Велика Британија, ги штитат и другите нации како Германија. Германскиот канцелар Фридрих Мерц потврди дека се водат разговори со двете земји во тој правец. „Јасно ни е дека мора да донесеме некои стратешки и воено-политички одлуки, но времето за тоа не е дојдено во моментов”, рече Мерц. Меѓу другото е нејасно кој би носел одлука за потенцијален нуклеарен напад. Дополнително се комплицирана ситуацијата со оглед на тоа дека Русија сака да ги вклучи и британскиот и францускиот нуклеарен арсенал во можен нов договор, бидејќи двете земји се сојузници на САД.
Што велат луѓето што го договорија Нов СТАРТ?
Поранешниот претседател Барак Обама на платформата Х го повика Конгресот на САД да преземе мерки. Крајот на Нов СТАРТ „бесмислено брише децении дипломатија и би можел да предизвика нова трка во наоружување – што би го направила светот помалку безбедно место за живеење“, рече тој. Димитри Медведев, сега заменик-претседател на Советот за национална безбедност, порача дека светот треба да биде алармиран, доколку договорот истече без да се знае што ќе се случува понатаму. „Часовникот на судниот ден“ во тој случај побрзо би вртел.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место