Нова демократија победи на изборите во Грција – Мицотакис може сам да формира влада

На предвремените парламентарни избори во Грција одржани вчера, победи десноцентристичката Нова демократија, со што по четири години во опозиција, оваа партија повторно ја презема власта.

После речиси сите пребројани гласови, премиерот Алексис Ципрас го призна поразот од неговиот ривал Киријакос Мицотакис, кој денеска треба да полага заклетва и да го преземе раководењето на земјата.

Нова демократија освои 39,85 отсто од гласовите, а левичарската СИРИЗА на Ципрас е на второ место, со 31,53 отсто. Според прелиминарните резултати, коишто ги објави грчкото министерство за внатрешни работи, Нова Демократија освоила 158 пратенички места, наспроти 86 на СИРИЗА. Парламентот во Грција има 300 пратенички столчиња.

Излезеноста на изборите беше околу 57 отсто, што е е една од најниските во последните неколку децении.

Во својот славенички говор, Киријакос Мицотакис вчера порача дека добил цврст мандат за промени.

– Земјата повторно гордо ја подига главата – рече тој пред насобраните поддржувачи во Атина, напоменувајќи дека ќе биде премиер на сите, бидејќи „Грците се премалку за да останат разединети“.

Ципрас, пак, рече дека му се јавил на Мицотакис да му честита.

– Денеска, со високо крената глава, ја прифаќаме пресудата од народот. За да ја донесеме Грција каде што е сега, мораше да направиме тешки одлуки, (со) висока политичка цена – рече Ципрас пред новинарите.

На второто место по бројот на пратенички места во новиот грчки парламент е Движењето за промени, со 22 пратеника, потоа е Комунистичката партија со 15 места, а ултранационалистичката Златна зора не влезе во парламентот, оти освои само 2,93 отсто од гласовите, а цензусот за влез во парламентот е 3 отсто.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …