Пишува: Зоран Милошески

Ниедна несреќа, ниедно зловреме не е доволна причина да ја потисне злобата која во себе ја носи македончето. Злобата и завидливоста се нашето второ и трето “јас“.

Ние, барем еден добар дел од нас, најдобро се чувствуваме и најдобро функционираме кога некому нанесуваме зло. Кога правиме да се чувствува несреќен и тажен. Ете затоа на македончето… да, не на Македонецот, ами на македончето… не му треба непријател и душман. Тој си е доволно голем душман сам себеси. Поголем не се најдува на дуњава.

И додека светот бара чаре за чумата наречена коронавирус, ние, прилепчани, се занимаваме самите со себе. За да си нанесеме уште поголема несреќа од онаа која не’ снајде.

Денешните два случаи на заболени од коронавирусот, некому беа „инспирација“ да долее масло на огнот, да внесе дополнителна паника меѓу граѓаните и, како сето ова да е малку, да им наштети на сопствениците на ресторанот „Порта“.

Не само што е лажна вест дека постои можност присутните на една од Осмомартовските забави во „Порта“ да биле заразени со коронавирусот, што е надвор од здравиот памет и нема никаква допирна точка со вистината, туку во приказната го вклучуваат и Центарот за јавно здравје од Прилеп кој, наводно, апелирал до присутните на Осмомартовските забави – да се самоизолираат.

Од Центарот за јавно здравје најенергично демантираат дека имаат издадено било каков апел и дека на било кој начин постои поврзаност меѓу забавите во „Порта“ и појавата на коронавирусот во Прилеп.

Заради сето погоре наведеното, постои и повеќе од доволна причина Министерството за внатрешни работи да поведе истрага за овој случај и да ги открие нарачателот и извршителот на овој грозен чин. Во интерес не само на сопствениците на „Порта“, туку, пред се’, во интерес на граѓаните на Прилеп и на смирување на и онака тензичната атмосфера, предизвикана од појавата на коронавирусот во градот под Марковите кули.