Новата Фискална стратегија за периодот 2022 – 2024 година со проекции до 2026 година покажува навистина оптимистички прогнози за развојот на домашната економија. Така, се предвидуваат стапки на економски раст повисоки од 5 отсто, а невработеност од само 8,6 отсто. Исто така се предвидува дека просечната плата ќе расте со просечна стапка од околу 4 отсто, бруто-инвестициите ќе се зголемат до 36,2 отсто во 2026, додека извозот ќе расте со просечна стапка од околу 8,8 отсто.
Фискалната стратегија 2022-2024, со изгледи до 2026 година Министерството за финансии ја утврди со претходната ревидирана фискална стратегија за подолгорочно планирање, со проекции за 5, наместо за 3 години.
Како што соопштија од ова министерство, во периодот 2022-2026 година се предвидува растот да изнесува во просек 5,4 отсто поради очекувањата дека економијата ќе заздрави во оваа година.
„Државната поддршка преку економски мерки ќе продолжи и во 2021 година. Се очекува и постепено стабилизирање на глобалните синџири за снабдување и раст на странската побарувачка, што при намалени притисоци од пандемијата, ќе влијаат поволно врз домашните економски, трговската размена, инвестициите и потрошувачката. Процесот на масовна имунизација се очекува да влијае позитивно врз домашните економски субјекти и склоноста за инвестирање и потрошувачка“, соопштија од Министерството за финансии.
Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8 отсто во 2021 година, а во периодот 2022-2026 година инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,8 отсто. Тоа се заснова на растот на приватните инвестиции, постепено зголемување на довербата на деловните субјекти, приливот на странски инвестиции, зголемена поддршка на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста и слично.
Вработеноста е предвидено да расте со повисоко темпо, односно е проектиран просечен годишен раст од 3,6 отсто, а понудата на работна сила во просек годишно да се зголемува за 1,7 отсто. Тоа ќе придонесе за намалување на невработеноста во 2026 година на 8,6 отсто, а зголемување на вработеност на 54,3 отсто. Растот на просечната нето-плата во овој период се очекува да изнесува 3,8 отсто годишно.
Вкупните приходи на буџетот за периодот 2022-2026 година се планирани во висина од околу 31,3 отсто од БДП, а просечното учество на вкупните расходи да изнесуваат околу 34,4 отсто од БДП. А, се предвидува буџетски дефицит да се намалува и да изнесува 2,2 отсто во 2026 година, односно 4,3 отсто во 2022 година, 3,5 отсто во 2023 година, 2,9 отсто во 2024 година, 2,5 отсто во 2025 година.
Извор: МЕТА