Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори, Фатмир Битиќи и сопственикот на компанијата Орикон Адвансед Технологис – Маркус Александер Марио Туч, денеска го потпишаа договорот за државна помош за реализација на проект за индустриско истражување во областа на обновлива енергија, со кој се предвидуваат инвестиции од најмалку 4.900.000,00 евра и минимум 72 работни места во Велес. Проектот за индустриско истражување ќе се реализира во периодот од 17.11.2021 година до 17.11.2026 година.
Вицепремиерот Битиќи соопшти дека потпишувањето на овој договор со германската компанија Орикон Адвансед Технолоџис, е од големо значење за Република Северна Македонија затоа што станува збор за капитално интензивна инвестиција со која ќе бидат ангажирани високо квалитетни кадри.
Индустриското истражување ќе биде насочено кон здобивање на нови знаења и вештини во врска со значително унапредување на постоечките производи и обезбедување основа за создавање на високо-компетитивни и безбедни производи.
Резултатите од истражувањето ќе бидат споделени со македонската научна заедница и индустрија. Како резултат на тоа, истражувањето ќе придонесе за позитивен ефект за нашата држава и ќе претставува основ за понатамошни дополнителни истражувања, развој и иновации.
Сопственикот на компанијата Орикон Адвансед Технолоџис – Марио Туч е присутен во Република Северна Македонија од 2016 година преку компанијата Лутекс која функционира во делот на текстилната индустрија. Во моментот компанијата има околу 100 вработени.
Државната помош се доделува согласно Законот за контрола на државната помош.