Рушевини во Киев

Нова рунда преговори, Зеленски вели дека се уништени плановите на непријателот

Една недела по почетокот на руската инвазија на Украина, се очекува почетокот на нова рунда преговори помеѓу Москва и Киев. Украинскиот претседател вели дека руските војници се искористени деца и треба да вратат дома.

Преговорите треба да се фокусираат на прекин на огнот. Водачот на руската делегација, Владимир Медински, изјави дека украинската делегација е на пат, јави агенцијата Интерфакс. Двете страни, како што се вели, се согласиле разговорите да се водат во регионот Брест, во западна Белорусија, а руската армија планира „безбедносен коридор“ со цел да се овозможи пробив на украинската делегација.

Украинската страна потврди дека се согласила на преговори, но нема други информации. Министерството за надворешни работи на Украина побара од Русија прогласување на прекин на огнот во регионите Харков и Суми, со цел да им се овозможи на цивилите да се засолнат на безбедно.

Првата рунда преговори во понеделникот (28.02) не донесе видливи резултати.

Борби во предградијата на Киев

Во меѓувреме, руската армија продолжува со нападите. Во текот на ноќта имало воздушни напади врз повеќе украински градови. Во Киев ноќеска и изутринава имаше неколку експлозии, а се слушаат и сирени, јави агенцијата Униан. На видеа на социјалните мрежи може да се видат силни детонации. Украинските медиуми јавуваат за борби во предградијата на милионскиот град. Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, на Телеграм напиша: „Непријателот се обидува да се пробие во главниот град.“

Ukraine-Konflikt - Zerstörte Brücke am Stadtrand von KiewОбид за премин преку уништен мост во предградие на Киев

Осуммина загинати во воздушен напад кај Харков

Во воздушен напад во источноукраинскиот град Исјум, кај Харков, според наводи на локалните власти, загинале осум лица, од кои две деца. Медиумите јавуваат дека при напад во текот на ниќта била погодена зграда.

Во Харков две ракети завршиле во управната зграда, а оштетена е и една катедрала. Градот Мариупол по воздушните напади остана без струја. Градските власти јавуваат дека во градот со 440.000 жители сега нема вода, греење и електрична енергија. Се прават напори снабдувањето повторно да биде воспоставено, изјави градоначалникот Вадим Бојченко за агенцијата Униан. Властите во Мариупол тврдат дека во воздушните напади досега се повредени над 130 луѓе. Мариупол се наоѓа во близина на т.н. контактна линија помеѓу проруските сепаратисти и украинската армија во округот Доњецк и има големо стратешко значење.

Во воздушен напад северно од Житомир, според наводи на градската управа, на контролен пункт загинале две лица, а петмина се повредени.

ОН: Еден милион луѓе побегнале од Украина

Од почетокот на руската инвазија во Украина, според наводи на Обединетите нации, од земјата побегнале над еден милион луѓе. „За многу други милиони луѓе во Украина е време оружјето да замолкне, за да може да се пружи хуманитарна помош“, напиша Високиот комесар за бегалци Филипо гранди на Твитер.

Infografik - Wohin die Menschen aus der Ukraine fliehen - DEКаде бегаат луѓето од Украина

Зеленски: Ги уништивме плановите на непријателот

Украинскиот претседател Владимир Зеленски на непријателите на својата земја им најавува тешка борба. „Овде нема да имате мир, нема да имате храна, нема да имате ниту една мирна минута“, рече Зеленски во видео порака. Окупаторите, како што рече, од Украинците ќе добијат само едно: „Толку жестока одбрана, што секогаш ќе се сеќаваат дека ние нашето не го даваме.“ Украинскиот претседател ги повика Украинците да пружаат и натаму отпор. „Ние сме народ кој во рок од една недела ги уништи плановите на непријателот.“ Тој тврди дека бројот на жртви на руска страна е околу 9000. „Украина не сака да биде покриена со тела на војници. Одете си дома“, побара Зеленски.

Ukraine | Ansprache Präsident Wolodymyr Selenskyj 02.03.2022Зеленски најави жесток отпор

„Искористени деца“

Моралната состојба на руската армија се влошува, тврди украинскиот претседател и додава дека секојдневно се заробуваат руски војници. „Тие кажуваат само едно – не знаат зошто се тука“, рече тој. Руските војници не се воини на велесила, оцени Зеленски: „Тоа се искористени деца. Одведете ги дома“, рече тој и порача: „Кажете му на вашиот командант дека сакате да живеете, а не да умрете“. Зеленски не коментираше дали Русите зазеле неколку градови, вклучувајќи го и Херсон. „Ако отишле некаде, тогаш само привремено. Ќе ги избркаме“, рече тој.

– повеќе: Како оружјето од Западот стигнува во Украина?

Во врска со Генералното собрание на ОН, во кое повеќето земји во средата во Њујорк ја поддржаа резолуцијата со која се осудува рускиот напад, Зеленски коментираше дека 141 земји гласале за Украина, а за Русија 4 – Северна Кореја, Еритреја, Сирија, Белорусија. „Тоа е списокот. Тоа се пријателите“.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

На состанокот во Луксембург денеска (22 април) министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ …