Пратениците изгласаа измени на Изборниот законик, но тие место да го олеснат – дополнително ќе го отежнат учеството на независните кандидати на изборите. Независните кандидати за да влезат во изборната трка ќе треба да соберат најмалку 100 и најмногу 3.500 потписи во зависност од бројот на гласачите во општината.
Ваквата одлука предизвика незадоволно кај граѓанските организации. Тие реагираат дека Изборниот закониквсушност стана „оружје против независните“.
На собранска седница во четвртокот (12.06), пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН изгласа измена и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка, со која, според граѓанските организации „дрско ја погазуваат“ одлуката„ што ја донесе Уставниот суд за укинување на претходните измени на Изборниот законик што Собранието ги донесе во март 2024 година.
„Пратеничките состави се менуваат, но тенденцијата да ги подметнуваат истите валкани сопки останува. Не затоа што независните не се доволно добри, туку затоа што се доволно опасни — по нивниот монопол. Ова не е изборен закон. Ова е акт на страв! Страв од гласот што не го контролираат, ама нема да им помине“, реагираат од „Независни за Карпош“.
Во колизија со одлуката на Уставниот суд
Според девет граѓански организации, измените на Изборниот законик во Северна Македонија се во колизија со одлуката со која Уставен суд ги укина претходните одредби за праг за потребни потписи од 1% од гласачкото тело во изборна единица. Сега предложените прагови за потписи се дури и повисоки од 1% за голем број на општини каде што се наоѓаат најголем број од избирачите.
„Се дава фер шанса на независните кандидати да соберат потписи во зависност од големина на општина и да се кандидираат. Предлогот е 100 потписи во општини со 10.000 гласачи, за тие до 20.000 – 200 потписи, за општините до 30.000 гласачи потребни се 300 потписи, 1.000 потписи во општините со над 90.000 гласачи. За Скопје ќе треба да се соберат 3.500 потписи“, образложи координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Но, граѓанските организации потсетуваат дека Уставниот суд наведе дека зголемувањето на потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидати претставува вмешување во остварувањето на избирачкото право на граѓаните што е гарантирано со член 22 од Уставот, бидејќи со оспорената измена се отежнати или оневозможени условите под кои граѓаните ќе можат да избираат независни кандидати.
Ограничување на плурализмот
Независни за Карпош, Шанса за Центар, Зелен хуман град и уште неколку здруженија се децидни дека измените на Изборниот законик не се во функција на поттикнување, туку во функција на ограничување на плурализмот на политичките ставови и мислења, што е прекршување на уставно загарантираното право на кандидирање за јавна функција што го има секој граѓанин на Македонија уредено во чл. 23 од Уставот.
„Предложените измени не создаваат услови за плуралистичка политичка клима, фер изборен натпревар и средина во која ќе се промовира учество не само на политичките партии, туку и на другите групи и поединци во политичкиот и јавниот живот, во која и граѓаните како поединци ќе можат слободно, како независни кандидати да ги изнесуваат своите ставови и мислења кои најчесто се различни и спротивни од оние на политичките партии и партиските кандидати. Тие најавуваат дека ќе поднесат амандмани на предложените измени на партиите, во согласност со мислењето на Уставниот суд и Уставот.
Измените следат откако независните граѓански организации во пресрет на локалните избори во октомври се обидоа да го ослободат патот за нивно непречено учество на изборите. Тие до надлежните институции иницираа законски измени со кои се бараше со минимален праг – со собрани најмногу 50 потписи од граѓани да им се овозможи кандидирање за во локалната самоуправа.
Извор: DW