Нова средба на министерот Хоџа со тутунопроизводителите – продолжуваат и протестите и откупот, во петок нови преговори

Нова средба на министерот Хоџа со тутунопроизводителите – продолжуваат и протестите и откупот, во петок нови преговори

На денешната попладневна средба со тутунопроизводители, претставници на Сојузот на тутунопроизводители и на Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, ги запозна присутните во големата сала на Општина Прилеп, со заклучоците кои тој и премиерот Зоран Заев ги усвоиле на средбата со претставниците на откупните компании.

„Јас и сега го кажувам она што минатиот петок го договоривме со претставниците на тутунопроизводителите и откупувачите, а тоа е дека до овој петок мора да имаме пресек за тоа како се одвива линијата на откуп на тутун и неговата просечна откупна цена. Од тие причини, до петок не смее да има прекин во откупот на тутун, но заради тоа што поголемиот дел од откупувачите не се придржуваа на договорот, како противодговор на тоа, Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари утре ќе продолжи со протестите, со блокирање на патот од Прилеп кон Скопје во траење од два часа. Уште еднаш сакам да потенцирам дека ситуацијата со откупот треба да се одвива врз основа на ветувањето на откупувачите дека ќе бидат пофлексибилни во почитување на правилниците за процена на тутунот“, изјави министерот Хоџа.

Министерот изрази надеж дека до петок ќе има разбирање од двете страни и дека ќе има подобрување во процената на тутунот. Тој истакна дека нема некоја поголема логика во изјавите на откупувачите, дека годинешната реколта е со многу полош квалитет во однос на ланската реколта.

„Самите производители се свесни дека не може да се стигне минатогодишната цена, дека тутунот не е со ист квалитет, но не е лош до тој степен колку што го ценат откупувачите. Не е точно дека увозот на тутун е причина за ниската откупна цена, бидејќи од почетокот на годината до денес, увезени се 1.800 тони тутун, кој освен тоа и не е ориентален тутун кој се произведува во нашата држава, туку е друг тип кој се користи за изработка на конечниот производ“, потенцираше министерот Арјанит Хоџа.

„Министерот ни ги пренесе заклучоците од денешната средба со откупувачите и ние ја разбираме неговата добра намера. Меѓутоа ние немаме гаранција дека линијата навистина ќе биде флексибилна, нам ни требаат гаранции за тоа. Откупот треба да трае од утре до крајот, со исто темпо во сите градови и со сите откупувачи. Бараме откупните компании да го почитуваат договореното и гаранциите да ги дадат кон Владата, кон државата, бидејќи нас не’ излажаа. Затоа, утре повторно ќе го блокираме магистралниот пат, а од четврток протестите нема да ги закажуваме, туку тутунопроизводителите ќе ги одржуваат нив самоиницијативно. Во меѓувреме, откупот ќе тече“, рече Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари.

„На денешната средба се договоривме откупот на тутун да продолжи, тутунопроизводителите да носат тутун, а ние како Сојуз ќе го поддржиме протестот и секогаш ќе бидеме со тутунарите. Нема да дозволиме тутунот да им се зема за две класи пониско, мора да се избориме родот да биде платен согласно квалитетот“, изјави претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Менде Стомнароски.

Следната средба на тутунопроизводителите, откупувачите и Министерството за земјоделство ќе се одржи во петок, кога ќе се направи пресек на линијата на откуп и просечната откупна цена.

Протестот на Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари ќе се одржи утре, среда 16-ти декември на магистралниот пат Прилеп-Градско, кај Заполшки мост и ќе трае од 10:00 до 12:00 часот.

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …