Новата општинска власт ќе обелодени кој, од кого и колку украл

Новата општинска власт ќе обелодени кој, од кого и колку украл

Пишува: Жарко Стеваноски

По примерот со јавните настапи на Никола Груевски и новоизнудената кампања која ја води од позиција на опозиција а која се темели на тезата дека зад себе оставил дела и проекти, деновиве по истиот пат тргна и прилепскиот градоначалник Марјан Ристески. Преку презентирање на отчетот за сработеното во периодот 2013-2017 година, Ристески го направи почетниот обид да го напипа пулсот на прилепчани.

Првата работа која паѓа во очи при анализата на отчетот, е дека градоначалникот на едно купче ги ставил сите досегашни проекти, вклучително и оние реализирани за време на неговиот прв мандат од далечната 2005 година. За сметка на тоа пак, впечатливо е што добар дел од реализираните проекти воопшто не се спомнати во отчетот!? Знаејќи дека многу љуби да се фали дури и со туѓи проекти, за многумина е чудно што Ристески направил таков “пропуст“. Меѓутоа одговорот на дилемата се крие во нешто друго: проектите ги нема затоа што се дел од неколкуте постапки кои против прилепскиот градоначалник се водат пред Основното јавно обвинителство-Прилеп!

Она што со сигурност го знам, е дека во годините пред нас ќе имаме можност преку аргументи и факти да се увериме кој, од кого и колку украл “во името“ на граѓаните на Општина Прилеп. Од скоро во институциите под надлежност на централната власт функционираат новите директори, вршители на должност и раководители. Во институциите се вршат организациски реформи. Од аспект на криминалното работење на нивните доскорешни први луѓе, тамошните состојби и претходно беа скенирани. Неспорно е дека длабинските анализи и ревизии на работата на кадрите на претходната власт ќе ги исфрлат на површина сите злоупотреби кои биле вршени на штета на буџетот на РМ, Општината и странските фондови.

Новата реформска Влада на Република Македонија понуди Програма која е производ на веќе детектираната состојба на државните институции и која истовремено содржи и конкретни решенија со кои ќе се воведе ред и законитост во нивното идно функционирање. Без исклучок ќе се обелоденат сите злоупотреби вршени од страна на претходниците. Граѓаните ќе дознаат што се правело за сметка на нивниот екстремно низок животен стандард, а што сѐ можело да се направи во функција на обезбедување подобра перспектива за нив, а пред сѐ за генерациите кои доаѓаат.

Кампањата која претстои нема да биде искористена за оцрнување на политичкиот противник. Напротив, на граѓаните ќе им биде ставен на увид дијагностицираниот “тумор“ од кој пателе, но и лекот за негово отстранување. Овој пат граѓаните мора самите да направат разлика меѓу тоа како се работело и како треба да се работи. Ова нема да биде кампања на голи ветувања и борба со ветерници, какви што во изминатите 12 години се изнагледавме и изнаслушавме, туку соочување со реалноста која можеби некого ќе исплаши, но бездруго ќе ни покаже како се гради живот во Македонија.

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …