Еколошкото здружение „Здрава котлина“ повика на масовен отпор откако Владата распиша концесии за проспекциски геолошки истражувања за потенцијални рудници во Источна Македонија. Одлуката на Владата е објавена во Службен весник на 3 јули и е потпишана од вицепремиерот Љупчо Димовски, наведуваат од здружението, посочувајќи дека таа претставува почеток на нов бранрударски активности во земјата.
„Ова е повик за сплотеност, будност и долгорочен отпор… Додека обичниот народ се бори за пристоен живот, чист воздух и заштита на сопствениот имот, луѓето во фотелјите со еден потпис решаваат да ја претворат нашата татковина во рударско решето“, реагираат екологистите.
Стравувања дека истражувањата ќе доведат до отворање рудници
Според активистите, граѓаните треба внимателно да ја следат содржината на владината одлука и нејзините можни последици.
„За да се одбраниме, мора да ја разбереме суштината на планот што се спроведува зад грбот на народот. Ова не е обично геолошко истражување, туку прецизно скроена еколошка опсада. Преку членот 3 од оваа владина одлука, во еден единствен простор се опфатени дури 27 општини – од Куманово и Кратово, преку Велес, па сѐ до Валандово, Гевгелија, Босилово, Василево, Струмица и Ново Село. Доделувањето проспекциски концесии со толкава концентрација на релативно мала и густо населена територија значи свесно загрозување на животниот простор на македонскиот земјоделец“, се наведува во реакцијата.
Од „Здрава котлина“ сметаат дека тврдењата оти станува збор исклучиво за истражувања претставуваат обид за смирување на јавноста. „Секој рудник во минатото започнал токму со вакви проспекциски активности, кои подоцна служеле како аргумент за барања, арбитражни постапки и притисок врз државата“, велат од организацијата.
Критики за измените на Законот за минерални суровини
Според здружението, актуелните процеси се поврзани и со измените на членот 55 од Законот за минерални суровини, за кои еколошките организации претходно изразија сериозни забелешки.
„Со тие измени му се овозможува на концесионерот да добие дозвола за експлоатација и да започне со работа на приватно земјиште и пред целосно завршување на постапката за експропријација. На тој начин приватната сопственост се става во подредена положба во однос на интересите на концесионерот“, нагласуваат од „Здрава котлина“.
Активистите тврдат дека се повторува модел кој веќе бил применет во минатото. „Извршната власт го повторува потегот од 2014 година, кога беа доделени концесии за истражување во 22 општини во Источна Македонија. Тогаш една четвртина од државата беше ставена на располагање на компании заинтересирани за истражување на металични суровини“, наведуваат од здружението. Тие потсетуваат дека граѓанскиот отпор во Гевгелиско, Валандовско и Струмичко резултираше со протести и референдуми против отворањето рудници.

Повик за организиран и долгорочен отпор
Од „Здрава котлина“ најавуваат мобилизација и долгорочен отпор против сите идни иницијативи поврзани со рударски активности.
„Борбата што е пред нас не е спринт, туку маратон на издржливост. Власта се надева дека народот ќе се умори, дека еколошките здруженија ќе се исцрпат и дека револтот ќе згасне. Затоа нашиот одговор мора да биде паметен, долгорочен и максимално организиран“, нагласуваат од здружението.
Оттаму ги повикуваат советите на општините да дадат негативно мислење за сите барања за проспекциски истражувања и бараат целосна транспарентност во процесот. „Бараме итно објавување на секое барање за мислење доставено до локалните самоуправи. Народот има право да знае кога некоја корпорација покажала интерес за неговата нива. Потребна е граѓанска самоорганизација, формирање локални одбори за будност и подготвеност за брза реакција. Научивме многу лекции во изминатите десет години и време е да ги примениме“, се наведува во реакцијата на „Здрава котлина“.
На 29 јуни еколошките здруженија протестираа и бараа раскинување на концесиите за рудникот Иловица-Штука, откако Вишиот управен суд во мај го врати во игра спојувањето на концесиите.
Реакции во јавноста предизвика и најавениот проект за ископ на антимон во рудникот Крстов Дол, кај Крива Паланка, кој се наоѓа во почетна фаза на истражување. Локалната власт порача дека нема да се дозволи инвестиција што би била на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
Лани беше најавено дека ќе се раскинуваат 45 концесии во рударскиот сектор поради непочитување на законите или на еколошките мерки.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место