Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, со кои се реформира системот за трошење на државните пари, усогласувајќи го со актуелните економски услови и Планот за раст на Европската Унија. Новите законски решенија носат значителни промени во вредносните прагови, но и дигитализација на процесите преку употреба на современи дигитални алатки.
Двојно повисоки прагови за директни набавки
Една од најзначајните промени за институциите е зголемувањето на лимитите за трошење јавни пари преку директни набавки, без обврска за спроведување на вообичаените тендерски постапки. Министерството за финансии ова го образложува со растот на цените и инфлацијата од 2019 година наваму, како и со потребата за намалување на административните трошоци.
Новите вредносни прагови предвидуваат:
- Прагот за градежни работи се зголемува од 5.000 на 10.000 евра, додека вкупниот годишен лимит по институција расте од 12.000 на 25.000 евра.
- За секторските договорни органи, прагот за набавка на стоки и услуги се зголемува од 2.000 на 4.000 евра, а за градежни работи од 10.000 на 20.000 евра.
- Годишниот лимит за секторските набавки ќе изнесува 50.000 евра, наместо досегашните 24.000 евра.
- Прагот за користење на Електронскиот пазар за набавки од мала вредност се проширува до 20.000 евра со цел поедноставно набавување стандардизирани стоки и услуги.
Институциите и натаму ќе имаат обврска да водат евиденција за овие трошења и да ги објавуваат податоците преку Електронскиот систем за јавни набавки.
Вештачка интелигенција и фокус на квалитетот
Законот воведува задолжителна примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“, со што при изборот на понудите повеќе нема да пресудува исклучиво најниската цена, туку ќе се вреднуваат и квалитетот и долгорочната оправданост.
Паралелно се зајакнува дигитализацијата преку проширување на надлежностите на Бирото за јавни набавки, кое ќе користи решенија базирани на вештачка интелигенција за навремено препознавање ризици, поефикасно следење на постапките и спречување можни злоупотреби. Измените предвидуваат и континуирано професионално усовршување на службениците, како и обврска за објавување известување за доброволна претходна транспарентност кај постапките со преговарање без објавување оглас.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место