Нови ракетни напади врз цивилни објекти во Украина, пријавени загинати и повредени лица

Нови ракетни напади врз цивилни објекти во Украина, пријавени загинати и повредени лица

Меѓусебни обвинувања на Украина и Русија за новите ракетни напади врз цивилни објекти во Украина, кои предизвикаа десетина загинати и повредени лица. Најмалку четири цивили загинаа, а 17 лица се повредени во руските ракетни напади во изминатово деноноќие врз населени места во Донецкиот регион, пренесува Укринформ. Најжесток бил нападот врз Костјантиновка, каде тројца цивили загинале од руските ракети.

Руските власти пак денеска ги обвинија украинските воени сили дека го извршиле ракетниот напад врз болница во градот Новоајдар во Луханскиот регион, при што загинале 14 лица, а 24 пациенти од болницата биле повредени, пренесува Гардијан. Руското Министерство за одбрана објави снимки од уништената болница, обвинувајќи дека ракетите биле истрелани од американски ракетен систем Химарс. Ваквите обвинувања не можат да бидат независно потврдени од медиумите на терен.

Во меѓувреме, Украина денеска ја обвини Русија дека продолжува со ракетните напади врз населени места во регионите Херсон, Днипропетровск, Запорижја, Суми, Харкив, Донецк и Луханск. Укринформ пренесува дека североисточниот регион Суми изминатово деноноќие бил нападнат со руски ракети во 88 наврати, при што биле погодени куќи, станбени згради, инфраструктурни објекти, продавници, хотел, градинка, пошта и други општествени објекти.

Под жесток ракетен напад изминатово деноноќие биле и 20 населени места во регионот Запорижја. Погодена е цивилна инфраструктура во градови и села, при што се регистрирани 27 оштетувања на станбени згради, куќи и инфраструктурни објекти, јавува Укринформ.

Весникот Гардијан ги пренесува спротивставените информации на украинските и руските власти околу контролата над населеното место Блаходатне во Донецкиот регион. Приватната платеничка војска Вагнер вчера соопшти дека го зазела под контрола ова населено место, додека украинската војска денеска информираше дека го одбиле нападот врз Блаходатне од руските сили.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Рускиот државјанин Јури Коховац денеска (22 април) беше осуден од судот во Москва на пет …