Новиот состав на Собранието со пониско ниво на квалитет на дебата отколку претходните

Новиот состав на Собранието со пониско ниво на квалитет на дебата отколку претходните

Квалитетот на дебатата во Собранието, од стапувањето на функција на пратениците на најновиот парламентарен состав на 4 август минатата година сè до крајот на 2020 година е на најниско ниво во последните седум години, се вели во извештајот за овој период подготвен од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

Аналитичарите притоа се фокусирале на дискусиите кои се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.

На скала од 1 (најнизок) до 10 (највисок), средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието в периодот од 4 август до 31 декември 2020 година е 5.5, и е пониска во споредба со претходните периоди на набљудување, за кои оценката за квалитетот на дебатата се движеше од 6.0 до 6.3. Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ова истражување го прави од јуни 2014 година.

„Извештајот за квалитетот на дебатата во Собранието, кој се однесува на периодот од 4 август до 31 декември 2020 година го потврдува ниското ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните 2 години, како и заклучокот дека постои значителен простор за подобрување. За разлика од минатите периоди, квалитетот на дебата во Собранието не ја добива минималната потребна оценка (6.0) за да се именува како дебата“, се вели во оценката на истражувачите.

Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 61 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 39 отсто.

Во периодот од 4 август до крајот на минатата година се одржа само една седница на пратенички прашања.

„Во однос на аргументацијата на дискусиите, генерално се забележува значителен пад во аргументирањето во споредба со минатиот период. Говорниците во 44 отсто од нивните излагања немаа аргументи, додека во 45 отсто слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во само 11 отсто од дискусијата, за разлика од 29 отсто во претходниот период на набљудување. Процентот на промена на став поради подобри аргументи останува значително низок за да може да се констатира дека пратениците демонстрираат можноста за отвореност за исправноста на аргументите на другата страна. Во 54 отсто од дискусиите, пратениците не се осврнуваат на силата и квалитетот на аргументите на другите говорници, додека во 37 отсто пратениците останаа на својот став и не ја признаа вредноста на аргументите на колегите од другите политички опции, што е за 27 отсто повисоко од претходниот период (10 отсто). Пратениците повеќе се осврнуваат кон разгледување на личноста на соговорниците отколку кон аргументите на истите“, стои во извешајот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, подготвен во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …