Новиот закон за урбанизам нема да ги излечи лошите навики во градењето

Новиот закон за урбанизам нема да ги излечи лошите навики во градењето

И со новиот Закон за урбанистичко планирање, кој веќе е влезен во собраниска процедура за негово изгласување, нема да се променат лошите навики за градење. Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), Мартин Пановски за „Мета“ вели дека постојат големи недоречености во предложениот закон, кој владата веќе го усвои и го испрати до Собранието.

Освен првичен состанок инициран од Министерството за транспорт и врски на кој се зборувало за потребата од измени на постојните Закони за урбанистичко планирање и за градење, Пановски посочува дека ААМ воопшто не била повикана да учествува во постапката на подготовка на предложениот Закон за урбанистичко планирање, ниту пак истиот бил официјално пратен до нив.

Новиот закон за урбанизам нема да ги излечи лошите навики во градењето

– Официјално, владата кажа дека ќе соработува со невладините организации во изготвување на законите, но таква соработка не се случи. Овој пат, не нè удостоија ни да го видиме законот – вели претседателот на ААМ.

Иван Арсовски, урбанист – планер, посочува дека и со предложениот Закон за урбанистичко планирање не се решава горливиот проблем со несинхронизираноста на легислативата. Тој го дава примерот со веќе изгласаниот Закон за урбано зеленило, чии одредби за минимално зеленило во урбанистичкиот план не се вметнати во идниот Закон за урбанистичко планирање.

Новиот закон за урбанизам нема да ги излечи лошите навики во градењето

Несинхронизираноста на законите ја потенцира и Пановски, кој вели дека новиот закон за урбанизам нема да го реши проблемот со постоењето на паралелен систем за градење. Со постоењето на два закони – Закон за просторно и урбанистичко планирање и Закон за постапување со бесправно изградени објекти, всушност, им се остава простор на инвеститорите, потполно легално, да си бираат по која постапка ќе ја водат изградбата на објектите.

– Можеби ќе можев да го разберам првиот закон за дивоградби доколку се кажеше крај на дивоградбите – кој направи дивоградба во иднина, неговиот објект се руши следниот ден, сосе кривична пријава и сите други постапки по закон – нагласува Пановски.

Експертите предупредуваат дека и во предложениот Закон за урбанистичко планирање има голем број недоречености, кои оставаат можност тој да се толкува на еден или друг начин.  Пановски ја посочува можноста за суспензија на детален урбанистички план (ДУП) во период од 6 до 12 месеци, но никаде не стои колку пати може да се суспендира ваквиот ДУП. Дополнително, никаде не стои кој ќе одговара и кои се последиците ако се утврди дека планот е незаконски.

Арсовски додава дека во предложениот закон не е јасно дефинирано што е тоа „јавен интерес“, ниту пак има воведување на категории од прво или второ значење по примерот на Законот за културно наследство. Тој вели дека нов закон е потребен, но уште поважно е донесувањето на нов Генерален урбанистички план (ГУП) на Град Скопје, бидејќи во моментов не постои усогласеност на одредени ДУП – ови со ГУП – от поради проблемот со преголемата густина на населението во некои делови од централните скопски општини.

И двајцата експерти се сложуваат дека идниот Закон за урбанистичко планирање нема да донесе суштински промени во урбанизмот во земјава.

– Нема визија како да се развива урбанистичкото планирање во Македонија. Законот е, помалку или повеќе, ист, односно постои исправка на членови од претходните закони – заклучува Пановски.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

уставен суд

Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеност

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски кажа дека балансерот како алатка е исцрпена и оти ги …