Новите кинески локомотиви ова лето ќе почнат да возат по македонските пруги

Новите кинески локомотиви ова лето ќе почнат да возат по македонските пруги

Најдоцна до април ќе пристигне првата од четирите нови електрични локомотиви за Македонски железници – Транспорт, набавени од кинеската компанија ЦРРЦ Џуџоу. Од Министерството за транспорт и врски за „Мета“ информираат дека останатите локомотиви постепено ќе пристигнуваат во наредните месеци, а вкупната инвестиција во обновата на возниот парк на МЖ – Транспорт изнесува 7 милиони евра.

Кинеските електрични локомотиви ќе се користат за товарен транспорт на електрифицираната пруга од Табановце до Гевгелија. Предвидено е да сообраќаат со максимална брзина од 120 километри на час. Меѓу новите технички карактеристики, значајно е да се напомене дека идните локомотиви ќе имаат можност да враќаат дел од исползуваната електрична енергија во моментот на кочење.

Обновата на возниот парк треба да ја намали потрошувачката на електрична енергија, но и истовремено да овозможи зголемен обем на работа на МЖ – Транспорт. Државното железничко претпријатие во моментов кубури со локомотиви, кои секојдневно се користат за одржување на товарниот, но и на патничкиот сообраќај.

Македонски железници – Транспорт и кинеската компанија „ЦРРЦ Џуџоу“ на почетокот од 2017 година го потпишаа договорот за набавка на четирите локомотиви. Инвестицијата за обнова на возниот парк беше обезбедена од кредитот подигнат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …