Ново комунално возило и автоматска преса за прилепски „Комуналец“

Ново комунално возило и автоматска преса за прилепски „Комуналец“

ЈКП „Комуналец“ – Прилеп потпиша договор за набавка на специјално комунално возило за транспорт на отпаден материјал за потребите на Општина Прилеп и хидраулична автоматска континуална преса од 50 тони. Возилото и пресата ќе бидат набавени со проектот БИО – РЕАЛ, а со финансиска поддршка од програмата на Европска Унија Интеррег – ИПА, прекугранична соработка со Грција.

Според договорот за јавна набавка по ПРАГ системот и најавите од економскиот оператор „Карго Макс“, комуналното возило со капацитет од 7+1 м3, ќе пристигне до крајот на септември, а неговата вредност изнесува 61.000 евра.

Автоматската преса за пресување на сите видови отпадни материјали со перфоратор за дупчење, во јавното комунално претпријатие ќе биде испорачана до крајот на ноември. Пресата, според модел и потребите на ЈКП „Комуналец“, ќе биде изработена во српската фабрика за производство на машини за преработка на отпадни материјали „Банк Про“. Вредноста на пресата е 60.000 евра.

Новото комунално возило во многу ќе го олесни собирањето и транспортот на сите видови на рециклирачки материјали од домаќинствата, од причина што комуналното претпријатие подолго време нема набавено ново возило. Возниот парк е застарен, при што на возилата се јавуваат чести дефекти и голема потрошувачка на масти и мазива.

Хоризонталната хидраулична преса BPH50 е наменета за пресирање и балирање на сите видови стара хартија, картон, отпад од графичката индустрија, отпадни материјали од индустриското производство PET, MET и HDPE/LDPE, лименки, шишиња и се’ што може да се балира, а за кои има пласман.

Автоматската преса е со потисок од 200 бари и ќе биде изработена од квалитетни челични материјали, со примена на современи конструкциски решенија и таа ќе обезбеди сигурност и брзина во работењето.

Современите електронски системи- PLC ќе овозможуваат автоматско работење на пресата, при што улогата на раководење ќе биде само контролна. Балите од отпадните материјали ќе бидат димензионирани, со што ќе се обезбеди најрационално искористување на транспортните средства и просторот за складирање. Заштедата во транспорт ќе допринесе за поголема финасиска корист од продажбата на отпадните материјали. Воедно, автоматската преса ќе замени од 10 до 12 работници.

Средствата од Проектот БИО- РЕАЛ се финансиска поддршка од програмата на Европска Унија Интеррег – ИПА, Прекугранична соработка со, Грција, а ги користат 6 партнери: општините Халкидона и Термаикос од Грција, Универзитетот за храна од Солун, општините Велес и Свети Николе и ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …