Тимот на „Светот на Биби“, по повеќе од осум години успешна работа во земјава и во странство, го најавува својот најнов проект – детското музичко шоу „ЈЕЕЈ!“.
Првата епизода од овој музички и едукативен серијал ќе се емитува премиерно на официјалниот канал на Јутјуб на 26 септември 2026 година (сабота), со почеток во 19:00 часот.
Омилените ликови оживуваат во реалниот свет
Во новото шоу, добро познатите детски ликови Биби и Боби оживуваат во реалниот свет, придружувани од нови пријатели и веќе познати анимирани херои, а главната тема што ги спојува е истражувањето на музиката, ритамот и инструментите.
По минатогодишниот кастинг на кој се пријавиле повеќе од 600 деца, тимот ги избрал талентираните млади актери кои ќе ги носат главните улоги. Надиа Кирковска е во улогата на Биби, Максим Апостоловски го толкува Боби, додека Марта Конеска и Христијана Матеска ќе внесат дополнителна свежина како учителката по музичко Моника и нејзината асистентка Тина.
Квалитетна содржина наспроти генерирани видеа
Продуцентите Стојче Коко Ѓорѓиев, Марјан Алексовски и Жарко Стојаноски истакнуваат дека во време кога сè почесто се појавуваат брзо создадени песни и анимирани видеа генерирани со вештачка интелигенција, нивната примарна цел е да создадат оригинално шоу кое ќе им помогне на децата да ја препознаваат и сакаат квалитетната музика.
Проектот се снима во студиото „Подрумот“, режисер и сценарист е Бојан Трифуновски, за снимањето и монтажата е задолжен Јосип Здравковски, додека музички директор е Ангел Ќосев. Во визуелната реализација е вклучен и дел од стандардниот продукциски тим предводен од арт-директорот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.
До крајот на 2026 година се планирани вкупно осум епизоди, а проектот ќе продолжи да живее и надвор од екраните преку настани и концерти низ сите земји каде што е присутен брендот. Шоуто е поддржано од бројни корпоративни партнери, а корисниците на MagentaTV ќе добијат пристап и до дополнителни ексклузивни содржини.
Следете ги сите новости за најмладите во рубриката „Магазин“ на Публикум.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место