Во ООУ „Рампо Левката“, наставата  во услови на пандемија се одвива според протоколите и алгоритамот добиен од Министерсството за образование и наука.

Во таа насока, во училиштето поставени се патокази, огради за влез и излез, средства за дезинфекција во сите училници  и на влезовите во у чилишната зграда, постојано се дезинфицираат училниците, а при влез се пристапува кон мерење на температура. Направен е скалест распоред, со цел учениците да влегуваат наизменично со временско растојание од 10 минути. Оттаму, може да се констатира дека наставата со физичко присуство за учениците од прво до трето одделение, како и наставата од далечина за учениците од четврто до деветто одделение, се одвива без никакви проблеми.

Во изминативе неколку години, во ООУ „Рампо Левката“ и во подрачното училиште во село Селце, инвестирано е во подобрување на инфраструктурните услови и во набавка на наставни помагала, во насока на подобрување на условите за изведување на наставата.

Во соработка со локалната самоуправа и МОН, заменета е старата канализациона мрежа на вториот и третиот кат во тоалетите, реновирани се спортската сала и соблекувалните во училиштето, ставени се во функција видео надзорот и уредот за следење на работното време. Генерално е оспособен подрумскиот простор, каде е заменета водоводната и канализациона мрежа и набавена е потопна пумпа за исфрлање на водите кои надоаѓаат после поројни дождови, а сервисирани се и парните котли кои се наоѓаа во лоша состојба.

„Инвестиравме во уредување на училишниот двор и целосно го сервисиравме системот за противпожарна заштита. Со средства од Општина Прилеп го реконструиравме постоечкото отворено спортско повеќенаменско игралиште, проект вреден 2.440.287 денари, а го реализиравме и проектот за детско игралиште со летна училница и забавно рекреативен парк во југоисточниот дел од дворот на училиштето, чија вредност изнесуваше 300.000 денари, средства обезбедени од МЦМС. Сакам да потенцирам дека на барање на родителите, направивме пренамена и ја оспособивме просторијата на првиот кат за дневен престој и комплетно ја уредивме со нов мебел, за што од буџетот на Општина Прилеп беа издвоени 946.980 денари“, истакна директорката на ООУ „Рампо Левката“, Менче Ациоска.

Аџиоска додава дека училиштето е подновено со 100 нови клупи, 200 столици за ученици и 30 за наставници, на вториот кат заменети се старите дрвени, со нови ПВЦ врати, направена е целосна промена на подовите во сите училници, променети се нефункционалните рефлектори во спортската сала со нови лед рефлектори. Истовремено, во повеќе наврати се инвестира во набавка на наставно-образовни помагала и опремување на кабинетите за изведување на наставата во тек со современите трендови во образовниот процес.

За тековната 2021 година, планирано е довршување на оградата околу училиштето, изградба на атлетска патека, набавка на машина за чистење, реконструкција на системот за парно греење, како и адаптирање на дополнителен влез во делот за учениците од прво одделение.