Вчера американскиот потпретседател Џеј Ди Венс отиде на Гренланд, на местото каде што не го сакаат, и каде што неколку часа пред слетувањето на неговиот авион во американската воена база, беше формирана новата гренландска влада која веднаш им порача на САД да ги тргнат рацете од островот. Изјавите што ги даде Венс од воената база не се само неоколонијалистички, туку изгледаат и прилично застрашувачки за светскиот поредок. Речиси да имаат синоним во непредизвиканата руска агресија на Украина. И тие инстантно се претворија во најцрн дипломатски кошмар за Данска, бидејќи самоуправниот Гренланд формално е данска територија.
Пред да наведеме некои од многу радикалните пораки на Венс ќе се навратиме на она одушевување што го имаше (а можеби и сѐ уште го има) премиерот Христијан Мицкоски од говорот на американскиот потпретседател на Минхенската безбедносна конференција. На годишната конференција на американските конзервативци во Мериленд, Мицкоски не беше говорник, туку беше интервјуиран од политичката коментаторка Кеј Ти Мекфарланд. Во разговорот Мицкоски рече дека говорот на Венс во Минхен бил историски настан. „Не велам дека сум во право, можеби некои европски политичари ќе ми се налутат, но тоа беше инспиративен говор. Важно е дека по говорот некои од публиката го критикуваа Венс, а некои рекоа дека тоа било своевидно мешање во внатрешните работи на суверени држави, бидејќи потпретседателот Венс наведе многу примери кои не се во согласност со слободата на говорот, со демократијата, со нашите споделени вредности“.
Потоа веднаш по враќањето дома во општина Гази Баба, ја повтори оваа егзалтација. „Таа е линијата, тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и што ќе го преплави светот. Тука нема играње. Ние сме тие што први го запоседнуваат теренот. Тоа е мојот начин на работа, нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот, па потоа кој и да дојде, втор, трет се реди зад тебе. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално“.

Неколку дена подоцна, на 27 февруари, Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, ја нападна Европската унија, повторно цитирајќи го говорот на потпретседателот Венс за недозволивоста од мешање во внатрешните работи на други држави.
„Ако некој не го сфати говорот на Венс за мешањето во внатрешните работи, што да кажеме“, рече Мицкоски, посочувајќи ги како такви примери промената на името и знамето на државата, а сега и барањето за промена на Уставот, додавајќи: „Ако тоа не е мешање во внатрешните работи, не знам што е“.
„Данска не ја заврши својата работа“
А сега да видиме што е мешање во внатрешните работи и тоа од истиот тој Џеј Ди Венс, и тоа толку грубо да погрубо и не може да биде. Од територијата на Гренланд, од базата Питуфик, и тоа само неколку часа откако новиот премиер на гренландската влада, Јенс-Фредерик Нилсен го изјави ова:
„Ние не сакаме да бидеме Американци. Не, не сакаме да бидеме Данци. Ние сакаме да бидеме Гренланѓани и сакаме своја независност во иднина… И сакаме сами да ја изградиме нашата сопствена земја“.
Дали е важно во новото нормално кога претседателот Доналд Трамп пред некој ден изјави дека „на овој или оној начин ние ќе го земеме Гренланд“. И дали е дипломатски умесно, па и навредливо за земјата чија територија е Гренланд, да се зборува со толку навреди токму од таа територија.
Затоа, за да ги разберете облиците на тоа ново нормално еве неколку од изјавите на Џеј Ди Венс од базата на Гренланд:
„Видете, рече претседателот, јасно е дека не мисли дека воената сила ќе биде неопходна, но тој апсолутно верува оти Гренланд е важен дел од безбедноста, не само на САД, туку и на светот. Гренланд е исклучително ранлив во моментов и се надевам дека народот на Гренланд ќе биде партнер со САД“.
„Ние би можеле да ги направиме многу побезбедни, би можеле да направиме многу поголема заштита и мислам дека тие би стоеле многу подобро и економски“.
„Ова мора да се случи, а причината поради која мора да се случи, мразам да го кажам тоа, е затоа што нашите пријатели во Данска не ја завршија својата работа за да ја зачуваат оваа област безбедно. Тие едноставно не го направија тоа“.
„Она што мислиме дека ќе се случи е дека Гренланѓаните ќе изберат, преку самоопределување, да станат независни од Данска, а потоа од таму ќе имаме разговори со народот на Гренланд“.
„Не мислиме дека некогаш ќе биде потребна воена сила. Мислиме дека ова има смисла, и бидејќи мислиме дека луѓето на Гренланд се рационални и добри, мислиме дека ќе можеме да склучиме договор“.

„Бидејќи она што значеше безбедносниот чадор на Данска е, всушност, тие сето тоа им го пренесоа на храбрите Американци и се надеваат дека ќе го платиме ние“.
„Се надевам дека ќе изберат да бидат партнери со Соединетите Држави, бидејќи ние сме единствената нација на земјата која ќе го почитува нивниот суверенитет и ќе ја почитува нивната безбедност, бидејќи нивната безбедност е во голема мера наша безбедност“.
„Треба да се разбудиме од неуспешниот 40-годишен консензус кој рече дека можеме да го игнорираме навлегувањето на моќните земји додека тие се прошируваат во нивните амбиции. Не можеме само да ја закопаме главата во песок или на Гренланд, да ја закопаме главата во снег, и да се преправаме дека Кинезите не се заинтересирани за оваа многу голема копнена маса. Знаеме дека се“.
Овие повеќе цитати се важни да се разбере „новата нормалност“ на американската политика, заедно со тарифите од 25 отсто за сите странски возила што се продаваат во САД. Од што штета ќе има и македонската автомобилска индустрија. „Ефектите ќе бидат лоши, пред сѐ за автомобилската индустрија во Европа, но посредно и за компаниите во нашата земја кои произведуваат компоненти за автомобилската индустрија“, рече Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“ и прв човек на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во изјава за „Независен“.